Проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација, најави Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека се работи на проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација.

Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно ѝ требаат сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ, така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции, дециден беше министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновиарните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.

Како што информираше тој, веќе се разговарало и за користење телемедицина – консултации од дистанца. За одредени прашања, појасни министерот, пациентот не мора да доаѓа на клиника, туку може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, потоа докторот би го повикал пациентот и да го прегледа физички.
Директорката на Универзитетскиот институт за радиологија, доктор Соња Николова потврди дека како институција, имаат испратено неколку дописи до „Мој термин“ за настанат проблем, особено за итни пациенти кои доаѓаат во Ургентниот центар.

Значи, немаме можност и да влегуваме во систем и да гледаме како се тие упатени, кој е проблемот со што доаѓаат кај нас, за да им се изврши одредена дијагностичка процедура. Се надеваме дека „Мој термин“ ќе покаже слух за овој проблем, затоа што, верувајте, за да се постави една дијагноза за состојбата на пациентот и тоа како ни се потребни информациите што доаѓаат однадвор – дали е тоа лабораторија, дали е тоа клинички преглед, дали се тоа други дополнителни иследувања, појасни Николова.

Министерот информираше дека најверојатно денеска ќе биде распишан нов тендер за компресорска станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Тој беше прашан и каде е заглавен процесот во врска со нови лекови на Позитивната листа.

Не е заглавен воопшто. Со директорот на ФЗОМ сме во редовна комуникација, чекаме да се формира УО на ФЗОМ. На првиот состанок на УО ќе бидат поминати деветте лека што се веќе испратени од Министерството за здравство, а штом се помине таму, јас ќе ги потпишам истиот ден и ќе го промовираме и ќе го кажеме тоа, подвлече Таравари.

Министерот и директорката одговараа на новинарски прашања, по посетата на реновираните простории на Институтот за радиологија.

Извор