Проруски бизнисмени плаќале големи суми за насилни протести пред референдумот?

Македонскиот премиер за „Базфид“ изјавил дека проруски бизнисмени се обидуваат со потплатување да ја запрат интеграцијата на Македонија во НАТО.

Заев рекол дека неговата влада добила повеќе извештаи дека „грчките бизнисмени” кои „се приврзаници на руската кауза” им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство” пред клучниот референдум оваа година, кој ќе утврди дали земјава ќе се приклучи на воениот сојуз.

Заев одбил да каже кој стои зад исплатите, повикувајќи се на истрагата во тек и чувствителноста на дипломатските односи. Тој вели дека полицијата дознала за исплатите откако привела неколку учесници на насилните протести пред парламентот во јуни.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

Непосредно пред Македонија да ја добие поканата во Брисел, Грција протера двајца руски дипломати поради наводни обиди да го поткопаат договорот за името.

Во интервјуто за „Базфид њуз“ дадено во Скопје по враќањето од Самитот на НАТО во Брисел, каде што Македонија официјално доби покана за членство, Заев открива и дека приватно побарал поддршка за референдумот од американскиот претседател, Доналд Трамп.

- Реклама -