Научници тврдат дека го откриле „Светиот грал“ во форма на вештачки лист кој би можел да го претвори секој дом во автономна електроцентрала. Листот, кој е малку поголем од кредитна картичка, го имитира процесот на фотосинтеза кој растенијата го користат за претварање на сончевата светлина и вода во енергија.
Научниците кои стојат зад овој изум велат дека листот би можел да биде евтино решение за растечките енергетски кризи во сиромашните земји. Предводникот на тимот истражувачи, доктор Даниел Ночера, изјавил: „Практичен вештачки лист е еден од Светите гралови на науката со децении. Ние веруваме дека најпосле го создадовме.“
„Нашата цел е секој дом да го претвориме во електроцентрала. Можете да замислите како во блиска иднина села во Индија и Африка ќе можат да купуваат евтини основни системи за создавање електрична енергија базирани на оваа технологија.“ Направата воопшто не наликува на природните листови кои научниците ги користеле како модели за нивните напори за создавање на овој нов тип на соларни ќелии.
Направите имаат облик сличен на карти за играње но се потенки. Тие се направени од силикон, електронски компоненти и каталисти, супстанци кои ги забрзуваат хемиските реакции кои инаку би биле или многу бавни или воопшто нема да се појават. Ночера додал дека еден лист, поставен во четири литри вода и оставен на силна сончева светлина би создал доволно електрична енергија за целодневните потреби на еден дом.
Ночера потсетува дека вештачкиот лист не е нов концепт. Првата таква направа била создадена пред повеќе од десет години. Но таа направа била непрактична за општа употреба, иако процесот на фотосинтеза бил ефикасен, направата била направена од ретки, скапи метали и била многу нестабилна – имала животен век пократок од еден ден. Новиот лист на Ночера ги надминува тие проблеми.
Листот е направен од евтини лесно достапни материјали, работи во наједноставни услови и е многу стабилен. Во лабараториски експерименти тој покажал дека листот може да функционира 45 часа без престан без никаков пад во активноста. Во моментов вештачкиот лист е околу десет пати поефикасен од природните листови. Но Ночера е оптимист и вели дека во иднина би можел уште да ја подобри неговата ефикасноста.
„Природата е напојувана од фотосинтеза, и јас мислам дека светот во иднината исто така ќе биде напојуван од фотосинтеза преку вештачкиот лист“ додал Ночера кој е хемичар од Институтот за Технологија во Кембриџ, Масачусетс. [Scientists find ‘Holy Grail’ of science as they mastermind the world’s first artificial leaf]