ПРОМОЦИЈА НА НОВИ ДИЗАЈНЕРИ ВО ЛАБ ДИЗАЈН МАРКЕТ

Во сабота, 6 април во изложбениот салон и заедница на македонски дизајнери и знаетчии „Лаб дизајн маркет“ во 12 часот напладне ќе започне промоцијата на новите дизајнери  кои  ќе се приклучат на досегашната понуда на современи дизајнерски и занаетчиски производи.

„Лаб дизајн маркет“ е изложбен салон, кој се отвори неодамна во центарот „Лабораториум“ што се наоѓа на булевар „Св. Климент Охридски“ број 68, односно во индустриската хала на печатницата „Нова Македонија“. Маркетот како новитет за прв пат ги поставува на исто рамниште занаетчиските и дизајнерските производи, создавајќи несекојдневен микс од разнородни креативни изрази и нуди приказ во работата на дваесетина учесници и со тоа укажува на една нова современа форма на традиционалните македонски занаети.

Покрај современиот филигран, ќе најдете нови трансформации на нашите занаети како ќустеците од мониста, познатата во светот „Македонска мушичка“ преточена во накит, облека од природни материјали со фокус на еколошко производство и заштита на животната средина, производи за домот од дрво, рачно изработени чевли, чанти од рафија итн.

Организаторите на настанот Ве канат на оваа промоција со музички избор на Љупа Ангелов и пијалак од винаријата „Камник“ да ја поддржите локалната дизајнерска сцена, да купувате внимателно и да одберете квалитет. 

- Реклама -