Промоција на „Шарени ириси“, новата хибридна инклузивна сликовница на „Арс Ламина“

Новата хибридна инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука во издание на „Арс Ламина“, „Шарени ириси“, ќе биде промовирана на денес во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промоцијата ќе се одржи во рамките на првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура.

Ова издание на „Арс Ламина“ е со текст на Јована Матевска Атанасова и акварелни илустрации на Симонида Филипова Китановска, кои длабоко и лирски продираат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка.

Промоцијата ќе биде проследена со изложба на илустрациите од книгата. Во улога на промотори ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и ликовниот куратор Љупчо Маленко.

„Шарени ириси“ е многу повеќе од илустрирана книга за деца, тоа е хибриден инклузивен проект, наменет и за лица со оштетен вид и за нивните семејства. Ова издание, кое вклучува страници со Брајова азбука е наменето за слепите и лицата со оштетен вид, на кои ќе им е достапно преку Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје, и преку ресурсните центри за лицата со оштетен вид во нашата земја.

Со многу чувства и со специфичен ликовен сензибилитет, во „Шарени ириси“ истовремено се испишува и се исцртува љубовта помеѓу таткото и ќерката, при што темнината и светлината се во цврста прегратка. Иако сликовницата е за возрасни, со неа „владее“ едно дете, па оттаму можат да ја читаат или да им се чита и на деца.

Станува збор за книжевно-ликовна приказна, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта. Можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот. „Шарени ириси“ е сликовница за големи и мали, што треба да се чита, да се гледа, да се допира со… ширум отворено срце.

Книгата беше наградена со две признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамките на Саемот на книгата. Освои второ место во категориите: Најкреативно издание и Поттикнување на општествена одговорност.

За пошироката читателска публика, сликовницата, која е објавена под импринтот за детска литература „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн на веб страната на Литература.

- Реклама -