Промоција на историското дело „Селото и селанството во Битолскиот санџак (1878-1912)“ од авторот Васко Гичевски

Денеска во 16 часот, во хотелот „Театар“ ќе биде промовирана книгата „Селото и селанството во Битолскиот санџак 1878-1912,“ авторско дело на историчарот м-р Васко Гичевски, кој е и наставник по историја. Промоцијата на книгата ќе ја води м-р Димитар Димески.

Авторот, Гичевски, изразува надеж дека со ова дело успешно придонел кон научната заедница и историјата на својата татковина, расветлувајќи значаен дел од минатото.

Идејата за книгата произлегла од неговиот долготраен интерес за социјалната историја, со особен фокус на разбирање на човекот во минатото во целост, а не само преку воената и политичката историја.

„Селанството ми е особено блиска тема, бидејќи и јас самиот сум дете на селани и сиот свој живот, освен четирите години студии во Скопје, го поминав во селото Бач, во Битолско. Ова ме наведе да ја изберам територијата на Битолскиот санџак, која ми е блиска, и за време на истражувањата ги посетив речиси сите населени места,“ додава Гичевски, кој во книгата го опфаќа подрачјето на градовите Лерин, Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Струга и Кичево, заедно со нивните околни села.

- Реклама -