„Во Гоце внатре врне, кај вас дома како е?“, ова е пораката со која Студентскиот Пленум соопшти за повторната поплава во руинираниот студентски дом по обилните врнежи.
Откако пред две недели се сруши дел од плафонот во еден од блоковите (и за среќа немаше повредени), овој пат ходниците се преполнија со вода. Причината е, се разбира, дотрајаноста на зградите, за која студентите алармираат со години наназад, а за мизерните услови подробно ќе се уверите ако го погледнете студентскиот документарец „Зелени ѕидови, црна храна“ на режисерката Сандра Ѓорѓиева, или најдобро, ако поживеете некој ден во домот.
Инаку, „Гоце Делчев“ е изграден во 1971-ва година, а оттогаш до денес, освен тековната реконструкција на една од зградите, немало никаква друга инвестиција. Засега е реновиран само Блокот Б, за кој студентите со нетрпение чекаат да биде пуштен во употреба, под услов да нема „селективно сместување“. Од друга страна, според акцискиот план, реконструкцијата на домот би требало да биде завршена во текот на 2017-тата година.
Дотогаш, за престој во „Гоце Делчев“, студентите ќе плаќаат по 3500 денари месечно, како и досега. Во оваа цена е вклучена соба (која ја делат со непознати), вода, струја и храна. Па ете, барем вода имаат.