Проф. Фрицханд: Забраната на ТикТок ќе има краткорочен ефект, но ќе треба да им се објасни на децата и нема да го реши проблемот

„Забраната краткорочно ќе даде некаков ефект, меѓутоа дури и властите да се решат на таков чекор, не можеме да останеме на тоа и да мислиме дека сме го решиле проблемот“, смета проф. д-р Ана Фрицханд, раководителка на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, во однос на евентуалната забрана или ограничување на употребата на апликацијата ТикТок од учениците.

„Не, нема да го решиме проблемот, зашто ќе најдат некоја друга социјална мрежа и друг начин како да пристапат ако веќе сакаат. Затоа што се прилично снаодливи. Посебно кога се работи за адолесценти и предадолесценти, тоа е период кога се бунтуваат против авторитетите, и ако им браните нешто, го прават спротивното за да ви покажат дека може да ја заобиколат вашата забрана“, додаде Фрицханд, одговарајќи на новинарско прашање во однос на размислувањето на надлежните институции за рестрикции на апликацијата.

Додаде дека ТикТок и социјалните мрежи предизвикуваат сериозна штета од аспект како се користат и за кои цели, односно од она сѐ што им е достапно на децата и на младите. Порача дека ако веќе се забранува, што може да даде и добар резултат, веднаш паралелно треба да се работи да разберат зошто е забраната. За да се постигне тоа, нагласи, мора многу да им се објаснува, а тоа бара многу време, вложување, енергија и трпение.

„Мора да им биде јасно зошто не е во ред да се имитираат модели кои се насилни. Треба да се имаат предвид и развојните карактеристики кај деца од 10-12 години. Ним им е многу важно да добијат социјална награда, потврда, колку пати некој лајкнал на тоа што го постирале, тоа е потреба од внимание. Не можеме да очекуваме од нив однесување како кај возрасните, но затоа треба да се воспостави ред, контрола и граници. Потребно е објаснување дека забраната не е зашто сме авторитет туку затоа што има длабока причина за тоа“, додаде раководителката на Институтот за психологија која денеска учествуваше на дебатата за врсничко насилство, организирана од Американскиот Универзитет на Европа – ФОН.

МИА

- Реклама -