Проф. д-р Кочов, кандидат за ректор на УКИМ: УКИМ бил и може да биде на ниво на светските универзитети

„УКИМ е ризница, македонска ризница. УКИМ е традиција. УКИМ е извор на сите академски и научни елити кои биле креатори не само на македонската, не само на државната туку и на регионалните политики. Затоа мислам дека е неопходно, во наредниот мандатен период, да го направиме УКИМ да биде оној кој треба да биде – еден и единствен. УКИМ треба да го заземе своето посебно место на ниво на држава“, порача проф. д-р Атанас Кочов – еден од шесте кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на изборите кои ќе се одржат на 30 мај, во интервју на ТВ „Сител“.

УКИМ бил и може повторно да биде на ниво на светските универзитети, категоричен е Кочов, а враќањето на сјајот на универзитетот – како најстар, најдобар и најквалитетен универзитет во Македонија, треба првенствено да започне од подобрување на условите на вработените но истовремено и на студентите. Треба да се инвестира, а сето тоа може да се постигне доколку фелата се обедини околу таквата програма и барањата да се инвестира во сите аспекти на УКИМ и студирањето.

„Тоа значи дека мора да се регулира начинот на финансирање на високото образование, односно начинот на финансирање на овој стожер. Досега сме на најниско ниво од аспект на стандардот на сите вработени на УКИМ, што е недопустливо“, рече Кочов во гостувањето во „Сител“.

Понатаму, неопходни се современи и европски програми, а тоа значи и комплетно опремени лаборатории во кои не само што ќе се одвива наставен процес, туку и наука и истражувања, истакна Кочов. Инвестирањето во ваквите лаборатории не само што ќе го врати УКИМ на местото кое му припаѓа – државотворна институција и водилка на високото образование, туку дополнително ќе ги мотивира и студентите кои, потенцира, бараат и треба да бидат почитувани. Истовремено, инвестирањето во современи лаборатории ќе ги мотивира и вработените, посочува тој. За тоа, вели професорот, секако, мора да се има средства и затоа е потребно обединетост во фелата околу оваа програма.

„Ние сме маса од 50.000 луѓе. Тоа е маса која мора да биде респектирана. Не смее да дозволиме она што сега се случува во државата – ректорот или деканите да трчаат по министерствата и да молат одредени планови да им бидат одобрени или да бидат одобрени одредени финансиски средства“, рече Кочов, повикувајќи ја фелата да работи како тим, бидејќи еден поединец, како што рече, сам не може да смени ништо.

Во однос на студентите, фокусот е да се задржат да студираат на УКИМ, наместо да запишуваат студии во светските универзитети. Студентите, вели, не треба да се гледаат како луѓе што доаѓаат и заминуваат, туку како партнери, кои ќе се оформат како личности кои ќе го градат општеството, подготвени да се соочуваат со проблемите во него. Затоа неопходно е подобрување на условите на студентите, особено почнувајќи од студентските домови и подобрување на условите во нив.

Дел од решението, најавува Кочов, е промена на интерната организација на Универзитетот – проблемот, сугерира професорот, не е во недостаток на инфраструктура и идејни решенија:

„Недопустливо е да имаме факултет како што е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со 4.000 активни студенти – да немаат простори, да немаат своја зграда, да немаат свои лаборатории, да живеат и да творат во услови во простории кои што ги земаат под наем од другите единици, а ваму пред самиот ректорат имаме две згради кои со години стојат недоизградени“, посочи тој.

Зарем Правниот факултет „Јустинијана прима“, од каде доаѓаат најдобрите правници, не може да најде правно решение? Зарем Архитектонскиот факултет не може да најде решение? Зарем државата нема пари или смета дека не треба да се финансира?, прашува Кочов.

„Затоа УКИМ треба да ја крене главата и да ги побара условите“, порача професорот и кандидат за ректор на универзитетот.

- Реклама -