Проектот на Илон Маск кој може да го смени светот, а не го знаете

Илон Маск го револуционеризираше вселенското патување, електричните автомобили, соларната енергија, па дури и тунелите. Но веројатно не знаевте дека исто така фундира и проект кој ќе им помогне на децата во Танзанија да научат да читаат и пишуваат, вреден 15 милиони долари.

Наречен е Global Learning XPRIZE и се одвива преку фондацијата XPRIZE, која веќе работеше на неколку полиња, а во моментов организира и „трка до Месечината“. Овој пат, пак, работат на многу похуман проект. Целта е неписмените деца да научат да читаат, пишуваат, но и да научат математика, и тоа самите, без формално образование (бидејќи до такво немаат пристап). Глобално, околу 260 милиони живеат без можност за основна или второстепена едукација.

Во рамките на проектов, на децата од 150 села во Танзанија ќе им бидат поделени околу 8.000 Pixel C таблети, доделени од Google. На тие таблети ќе има софтвер дизајниран од разни тимови, кои во моментов „се натпреваруваат“ за главната награда од 10 милиони долари која фондацијата XPRIZE ќе му ја додели на најдобриот софтвер (исто како и со вселенските компании во трката до Месечината).

Сега XPRIZE објави дека ги избрале 11-те полуфиналисти од вкупно 198 пријавени во 2014-та, кои ќе продолжат на следната фаза од проектот. Овие 11 тимови ќе имаат фора од 1 месец да го финализираат нивниот софтвер, кој ќе мора да биде понуден како open source. Во септември ќе бидат избрани 5-те финалисти. Секој од нив ќе добие по милион долари и ќе биде задолжен да премине на фазата на тестирање „на лице место“, меѓу децата во Танзанија.

Целта е да се доведат децата до највисокиот можен степен, но во суштина од точката да научат да читаат, до точката да научат да учат. Мат Келер – сениор директор на Global Learning XPRIZE, признава дека тоа е голем подвиг, споредлив со пат до Месечината.

Децата ќе поминат 18 месеци учејќи од таблетите, при што ќе бидат изложени и на „пре“ и на „пост“ тестови, особено во читање, пишување и аритметика. Секој софтвер ќе биде поделен на различна група деца, а победник ќе биде тој чија група најбрзо напредува. Самите софтвери, пак, значително се разликуваат. Некои се базирани врз игри и приказни, додека други се основаат на машинско учење и фацијално препознавање.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Што се однесува до тимовите, никој всушност нема да влезе во селата, туку мониторингот ќе го вршат партнерите на XPRIZE – УНЕСКО и World Food Programme на Обединетите Нации. Напојување за таблетите ќе биде обезбедено преку 150 станици за соларно полнење, по една за секое село, која ќе трае и до 5 години. По завршувањето на проектот децата ќе ги задржат таблетите, а можеби и ќе се обноват станиците за полнење.

Сите пари за проектот ги дава Илон Маск, кој и самиот е роден во Јужна Африка. Келер вели дека тоа е неговиот најголем филантропски подарок досега. Маск, пак, вешто си молчи околу неговото учество, бидејќи планот е да се активира во подоцнежните фази, пред сé во промотивни цели.

Од друга страна, звучи чудно да им се дадат така големи парични награди на тимови за софтверски дизајн, наместо парите да се инвестираат поинаку, на пример во училишта. Но, планот е да се постави поцврста база преку која децата во земјите во развој ќе имаат пристап до едукација, а XPRIZE смета дека ова е најдобриот метод.

Доколку би се инвестирале 15 милиони долари во училишта, нема да може да се стигне до истиот степен на едукација (многу деца од сиромашните и онака не ги завршуваат), особено не за вака кратко време. Но тоа што не можат да го направат учителите (за чија обука исто така е потребно долго време и средства), XPRIZE смета дека можат да го направат таблетите и технологијата, давајќи му на секое дете на планетава светска едукација на дофат на дланката.

А токму тоа е планот, ако проектот се покаже успешен, софтверот да биде имплементиран кај сите деца со потреба од истиот, било каде во светот. Може да биде преведен на арапски, на пример, и да им се подели на децата бегалци кои живеат во Сирија. А со едукација на децата, речиси е гарантирано дека овие земји ќе го забрзаат развојот и ќе се покачи квалитетот на живеење во нив.

 

- Реклама -