Во денешната (Интернет) јавност често се пишува за некои од денешните „вундеркидс“ и притоа, речиси без исклучок, се нагласува дека тие наводно имаат повисока интелигенција и од Алберт Ајнштајн или Стивен Хокинг. Така се провлекува впечатокот дека човештвото денес е попаметно од било кога и дека денешните генијалци уште од мали нозе ги надминуваат и највисоките граници што човекот ги достигнал на полето на интелигенцијата.
Повеќето од овие деца, кои патем „се појавуваат“ на релативно редовни интервали, достигнуваат коефициент и од 162 поени, со што автоматски влегуваат во врвниот 1% од светската популација. За споредба, се смета дека Ајнштајн и Хокинг имаат коефициент на интелигенција од 160 поени. Има еден мал проблем, а се крие во зборчето „се смета“.
Имено, проблемот што ни генијалците не можат да го решат е тоа што е многу тешко, па и невозможно, да се одреди со сигурност точниот коефициент на интелигенција на Ајнштајн или Хокинг.
„Не постои никаков доказ дека Ајнштајн некогаш правел IQ тест“, нагласува Ан Кларксон – менаџер за комуникации на британскиот огранок на Менса. „Хокинг веројатно има направено, како дел од третманот на неговата болест на моторните неврони, но тешко дека резултатот е објавен во јавноста“.
Фактот е дека до бројката од 160 се стигнува единствено преку (помалку или повеќе прецизно) нагаѓање, но и кога тоа не би било случај, пак ќе постои пречка, можеби и поголема од непостоењето на официјални IQ резултати од Aјнштајн или Хокинг; тоа е современата дебата за тоа дали интелигенцијата е и генијалност.