Проблемот на тоа да имаш пари во Нигерија

Нигеријците тешко можат да кажат со сигурност колку пари имаат во џебот. Да, на банкнотите пишува бројка, но практично е невозможно да ја одредите вистинската вредност на парите што ги имате.

Според официјалниот валутен курс во земјата, 1 американски долар се менува за 305 единици од локалната валута – најра. Нигериските банки, пак, меѓусебно користат друг курс, а меѓународните компании за парични трансфери – сосема трет, различен од претходниве два. Згора на тоа, локалната централна банка дури нуди и посебни валутни курсеви за верските поклоници кои имаат потреба од американска валута за да појдат на аџилак во светите места како Мека, Рим или Ерусалим. Покрај сите овие, најважен, сепак, е тој на црниот пазар, каде 1 долар вреди околу 380 најри.

Резултатот од сето ова е апсолутен валутен хаос. Но финансиските проблеми на Нигерија не се сведуваат само на валутните курсеви.

Пари од нафта

Падот на цените на нафтата вроди со сериозен притисок врз нигериската валута. До средината на минатата година, централната банка одржуваше курс од 200 најри за 1 долар. Но кога резервите од долари се намалија, банката го смени курсот, што набрзина доведе до пад од 30% на вредноста на домашната валута.

Оттогаш до сега, централната банка вложува напори да ја заштити најрата од дополнителна девалвација. Во исто време, шпекулациите на црниот пазар го достигнуваат пикот; највисоката цена кон крајот на минатата година достигна 520 најри за 1 долар.

Во меѓувреме, благодарение на малото поскапување на суровата нафта, односот долар-најра благо се намали, иако и натаму е висок.

Недостиг на долари

Нигерија страда од сериозен недостаток од американска валута. Зошто воопшто им се долари?

Извозот на земјата во голема мера е изразен преку испораките на нафта, за разлика од увозот, кој главно се сведува на храна и неопходни производи. Нигериските увозници им плаќаат на странските добавувачи во нивната национална валута (на добавувачите), но тоа вроди со проблем, бидејќи резервите на долари и евра веќе се при крај.

Причина за тоа е што најголемиот дел од Нигеријците кои поседуваат долари или евра, ги чуваат за себе, бидејќи очекуваат понатамошна девалвација на нигериската најра. Останатите резерви од девизи главно завршуваат на црниот пазар.

Туристите, на пример, наидуваат на голем ентузијазам од страна на хотелите кога сакаат да ги разменат своите долари за локална валута. Но кога е обратно, остануваат без било каква помош. Дури и купувањето на долари во банка не може да помине без претходен разговор со гувернерот на истата.

Тоа го користи црниот пазар, бидејќи размената на валути е многу полесна и побрза.

Потрошени резерви 

Продажбата на сурова нафта придонесува со 70% од приходите на нигериската влада, и со повеќе од 90% во извозот на земјата. Нафтата е извор и на голем дел од девизните резерви на Нигерија.

Пред падот на цената на нафтата, Нигерија располагаше со близу 43 милијарди долари во резерва. Од средината на минатата година, напорите на централната банка да ја одржи вреднсота на најрата ги намалија резервите на 27 милијарди долари.

 

- Реклама -