Проблеми со наталитетот? Гледајте видео со зајци

Полското Министерство за здравство реши да им стави крај на негативните демографски трендови. Направи реклама со зајци…

Зајциве, демек, би требало да им послужат на Полјаците како пример на кој треба да се угледаат за да имаат повеќе деца. Спотот ќе се емитува во ударни термини на сите телевизии во земјата.

„Ние зајците знаеме како да се погрижиме да имаме бројни потомци. Сакаш да ја знаеш нашата тајна? Како прво, многу се движиме, јадеме здраво, не се нервираме. Не пиеме. А ако сакаш да имаш деца, угледај се на нас. Не зборувам напамет, татко ми нé имаше 63“, им се обраќа зајакот на Полјаците додека наоколу му скокаат неговите потомци.

Кампањава Полјаците ги кошта скоро 650.000 евра, поради скапиот телевизиски простор на телевизиите кои ќе го емитуваат спотот до крајот на годината, а како што рековме – во ударни термини.

Очекувано, реакциите се главно негативни, а варираат од неверица – до огорченост за начинот на кој се трошат парите на даночните обврзници. „Тоа е ужасна идеја. Зајците се слатки животни, ама нивната способност за размножување не е предмет на почитување“, велат дел од критиките.

Авторите на кампањата се правдаат дека целта им била да им покажат на Полјаците и Полјакињите дека тие самите влијаат на својата плодност, т.е. да промовираат здрав стил на живот.

„Меѓу другото, од нашиот животен стил зависи дали ќе можеме да имаме деца. Баравме начин преку басна да се обратиме на голема таргет група. Кампањата е насочена кон луѓето од 18 до 45 години. Имаше различни идеи, но на крајот се сложивме дека зајците се симбол на плодноста, а истовремено и симпатични животни“, се брани еден од авторите на кампањата.

Штета што нема да работи. Има куп причини што луѓето немаат „доволно“ деца, и ниту една од нив не е тоа што не изгледале доволно видеа со зајци (и слични кампањи). Подобро ќе било, еве нас ако нé прашате за палусериозен предлог, да им поделат по 100.000 евра на шест семејства кои сигурно би се сложиле да имаат (уште) едно дете под такви услови. 6 деца се, се кладиме, далеку повеќе отколку ефектот што би го имала кампањата со зајци – веројатно 0, барем кај тие со здрава мозочна работа. За жал, нешто ни вели дека кампањиве баш и не се прават за наталитетот.

Еве ви ги зајците, за секој случај.

 

- Реклама -