Научници откриле дека машките птици malurus splendens, ендемски вид од Австралија, пеат специјална песна секој пат кога ќе чујат некој од нивните предатори. Во едно ново истражување на научниците од Универзитетот од Чикаго било откриено дека ова навидум ризично однесување всушност е начин за привлекување партнери – користејќи страв.
Студијата била извршена во заштитен центар во Јужна Австралија, каде што на птиците им биле пуштани аудио снимки. Експериментот утврдил дека машките птици го синхронизираат пеењето со звуците на предаторите за да им го привлечат вниманието на женките. „Забележавме дека женките навистина стануваат повнимателни кога ќе ги чујат предаторите“ изјавила доктор Ема Грејг, првиот автор на студијата. „Значи, мажјаците пеат кога знаат дека имаат внимателна публика, и според реакцијата на женките, оваа стратегија е успешна.“
Според доктор Стефан Прует-Џоунс овие птици се интересни за научниците кои ја изучуваат еволуцијата поради нивната уникатна социјална структура. Иако птиците се социјално моногамни, формирајќи доживотни парови, тие се сексуално промискуитетни и најчесто се парат надвор од нивниот домашен пар. После неколку години изучување на овие птици, научниците го забележале уникатното синхронизирање на песната на мажјаците, позната како Тип II песна, со звуците на нивните предатори.
„Мажјаците почнуваат да ја пеат Тип II песната веднаш штом ќе го чујат предаторот“ вели Преут-Џоунс, „тоа звучи како дует.“ Постоеле разни теории зошто птиците ризикуваат да ја откријат својата положба. Некои научници мислеле дека се работи за предупредување за останатите птици или демонстрација на нивната храброст и физичка подготвеност за да привлечат партнери.
За студијата, Грејг им пуштала разни комбинации на песни на машки и женски птици од својот iPod: територијалната Тип I песна, како и Тип II песната без песната на предаторот. Од експериментите таа заклучила дека женките повеќе внимаваат – птиците гледале во насоката на песната и одговарале со сопствена песна – секој пат кога Тип II песната започнувала по песната на предаторот. [Australian birds attract mates with ‘scary movie effect’]