Приведениот во акцијата на МВР и ДЕА е началникот на полицијата во Прилеп

Во заедничката акција на МВР и американската DEA (Агенција за борба против наркотици), во која беше запленета дрога во вредност од 800.000 евра, приведен е и висок полициски службеник, соопшти првиот човек на полицијата – Оливер Спасовски.

Како што објавија повеќе медиуми повикувајќи се на свои извори, меѓу нив и „САКАМДАКАЖАМ.мк“, се работи за Кире Спиркоски – началник на полицијата во Општина Прилеп. Според информациите на порталот, бројот на уапсени лица сѐ уште не може да се сумира, но се знае дека полицијата кај нив нашла оружје.

Претходно денеска јавноста беше информирана дека околу 14 часот на патот од Плетвар кон Кавадарци била блокирана едната коловозна лента од страна на дваесетина полицајци во цивилна облека, со лента на рака. Биле запрени две возила, комбе и ауди. Нешто подоцна Спасовски на социјалните мрежи соопшти дека се работи за акција во која е запленета дрога. Според „СДК“, најверојатно се работи за марихуана која транзитирала низ Македонија.

Детали за акцијата, министерот за внатрешни работи најавил за утре.

Инаку, според медиуми блиски до опозицијата, Спиркоски „често се појавувал во друштво на премиерот Зоран Заев и министерот Спасовски“.

 

- Реклама -