Сведочењата на тројцата од обвинетите во судскиот процес за 27 април, Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски, кои го посочија Владимир Атанасовски – поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Управата за финансиско разузнување (УФР) како еден од организаторите на настаните од „Крвавиот четврток“, веќе следниот ден му донесоа притвор на Атанасовски.
Атанасовски синоќа бил уапсен и однесен на сослушување кај судија на претходна постапка. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Атанасовски, како организатор на упадот во Собранието и нарачател на насилства и кривични дела врз членови и симпатизери на тогашната опозиција, е осомничен за кривично дело „Здружување заради непријателска дејност“, за кое му се заканува минимална затворска казна од четири години.
Како што соопшти првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, мерката притвор била побарана по три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци (со оглед на функцијата што ја извршувал) и опасност од повторување на кривичното дело. Таа најави и проширување на истрагата.
Според исказите на тројцата обвинето, Атанасовски бил директен организатор на настаните од 27 април и планот го спроведувал заедно со обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој пак имал комплентната логистичка поддршка од структури во УБК и од заменикот началникот на Петата управа, Никола Бошковски, кој во моментов е во бегство во Грција каде побара азил. На располагање имале блиндирани полициски возила, радио станици па дури и оружје, а им била ветувана заштита од службеници во тајната полицијасо кои заедно дејствувале во и околу Собранието.
Владимир Атанасовски во моментов е ангажиран како советник за безбедност на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За директор на УБК беше поставен во септември 2016-та, по оставката на тогашниот директор Сашо Мијалков, а функцијата ја извршуваше до јуни 2017-та.
Извор: Глас на Америка