Пристигнато е писмо со намери од унгарската „4iG Групација“, информирал Николоски на седница на Владата

За интересот на унгарскиот оператор за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава веќе информираа од Министерството за транспорт по неодманешната официјална посета на Николоски на Будимпешта, во рамките на која се сретна со претседателот на „4iG Групацијата“, Гелерт Жасзаи

Унгарската „4iG Групација“ која е можно да биде новиот мобилен оператор во земјава испратила писмо со намери, за што на денешната владина седница информирал вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски. 

„Во однос на ставот на Владата за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија министерот за транспорт Александар Николоски ја информираше владата дека е пристигнато писмо со намери од операторот ‘4iG Групација“,

се наведува во соопштението по владината седница.  

Од денешната седница на Владата / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

Во него се наведува дека „4iG Групацијата“ е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот вселенска и одбранбена индустрија. 

„Во 2022 година, ‘4iG Групацијата’ се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE“,

информираат од Владата.  

Се наведува и дека “4iG Групацијата” изразила интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Ваквата иницијатива се додава, е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан. 

За интересот на унгарскиот оператор за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава веќе информираа од Министерството за транспорт по минатонеделната официјална посета на Николоски на Будимпешта, во рамките на која се сретна со претседателот на “4iG Групацијата”, Гелерт Жасзаи.

 „Веруваме дека воспоставеното искуство на ‘4iG Групацијата’ во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и ‘4iG Групацијата’ делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество”,

порача Николоски.  

За време на официјалната средба, двете страни го истакнале значењето и развојот на дигиталната инфраструктура заради економски и социјален напредок.  

Министерот за транспорт Александар Николоски со претседателот на „4iG Групацијата“ Гелерт Жасзаи

Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на “4iG Групацијата” изразил интерес за соработка во проекти во комуникациска инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, соопштија минатата недела од Транспорт. 

„Имаме волја да придонесеме за развојот на телекомуникациски сектор во Македoнија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата.  Во однос на нашата амбиција за влез на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе ја започнеме соработката со Владата на Македонија и нашата посветеност за овој процес да го формализираме во детали“,

истакнал Жесзаи на средбата со Николоски. 

Инаку, министерот Николоски на почетокот на јули најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава. Како причина за воведувањето трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече тогаш, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави. 

- Реклама -