Во земјава вчеравечер пристигнале вакцините од „Фајзер-Бионтек“, вкупно 51.480 на број, донација од соседна Бугарија. По пристигнувањето, 30.000 дози биле веднаш дистрибуирани до вакциналните пунктови низ земјата, пренесува МИА.
Министерството за здравство информира дека иако рокот на важност на вакцините е до 30 септември, со дневната динамика на вакцинација тие веднаш ќе бидат употребени, пред истекување на рокот.
„Благодарност до Владата на Република Бугарија за оваа донација, која претставува гест на солидарност и уште една потврда за успешната соработка меѓу институциите на двете земји во справување со Ковид-кризата“, велат од Министерството.
Вакцините на „Фајзер-Бионтек“ се препорачуваат за имунизација на лица над 12 години.
Министерството за здравство апелира оти вакцините се безбедни и ефикасни и само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход.