Како што беше и најавено, утрово во земјава пристигнаа 200 илјади кинески вакцини, набавени преку директен договор со производителот „Синофарм“. Со помош на припадници на Армијата, а под надзор на претставници од МАЛМЕД и љубопитните граѓани кои живеат во близина, вакцините беа складирани во таканаречената „ладна соба“ во поликлиниката „Јане Сандански“, која беше поставена благодарение на фондацијата „Direct Relief“.
Вакцините, кои допатуваа со DHL преку Истанбул и Белград, ги пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и кинескиот амбасадор во земјава – Џанг Ѕуо. Филипче изрази голема благодарност за личниот ангажман на амбасадорот и неговиот тим, потенцирајќи дека благодарение на секојдневната комуникација и нивното инсистирање, оваа пратка сега е во земјава.
Кинеските вакцини, истакна Филипче, најдоцна во понеделник ќе бидат распределени низ поголемите вакцинални пунктови во државата (спортските сали во Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битол), а со тоа ќе започне помасовна вакцинација веќе во вторник. Според Филипче, се очекува имунизацијата да се одвива со темпо од 10 до 15 илјади вакцинирани граѓани на ден.
Во наредниот период, додаде Филипче, ќе пристигнат уште 500.000 вакцини од кинеската „Синовак“, потоа донација од уште 100.000 вакцини од „Синофарм“ од кинеското Министерство за одбрана, како и уште 26.000 дози од директниот договор со „Фајзер“. Со овие количини и со динамиката од над 10 илјади вакцинирани на ден, министерот изрази увереност дека до почеток на летото ќе има значителен процент на вакцинирани граѓани, што, како што рече, целосно ќе ја смени епидемиолошката слика во земјава.
Филипче додаде и дека имунизацијата ќе продолжи со акцент на граѓаните кои се веќе пријавени, според возраста и според приоритетот на пријавување. Посочи дека засега остануваат во функција и помалите вакцинални пунктови, но се размислува кадарот да се сконцентрира на едно место, односно кадарот од овие пунктови да се префрли и да се вклучи во процесот на вакцинација во големите центри (спортските сали).
Амбасадорот на Народна Република Кина, од своја страна, истакна дека пристигнувањето на првите 200.000 дози од вакцината на Sinopharm во Македонија претставува нова пресвртница во солидарноста помеѓу двете земји во борбата против епидемијата, но и дека испишува ново поглавје во пријателските односи помеѓу нашите народи.
„Вакцинацијата е важен чекор во спречување, контрола и пораз на епидемијата. Кина ги прогласи вакцините за глобално јавно добро и се приклучи на програмата Ковакс на СЗО. Кина обезбедува итно потребни вакцини на повеќе од 100 земји и меѓународни организации. Пристигнувањето на кинеските вакцини во Македонија денес го потврдува дејствувањето на Кина во сплотеноста при градење на заедница со цел подобро заедничко здравје за човештвото“, рече Ѕуо.
Тој потенцираше дека и покрај големата побарувачка во самата Кина, неговата земја наоѓа начини да обезбеди поддршка и за земјите во неволја, како Македонија:
„Вакцинацијата е важна алатка за контрола и пораз на епидемиите. Кина во моментов е во процес на масовна вакцинација, со повеќе од 200 милиони луѓе вакцинирани. Сепак, како земја со население од 1.4 милијарди жители, сè уште постои голем јаз за постигнување на имунитетна бариера. Побарувачката за вакцини во Кина останува огромна. Како и да е, Кина наоѓа начини да обезбеди поддршка на земјите во неволја, вклучително и Македонија, за заедничка заштита на животот и здравјето на луѓето во земјите. Драго ни е што кинеските вакцини можат да придонесат во напорите за вакцинација на луѓето од Македонија“, истакна амбасадорот Ѕуо.