Во Македонија пристигна првиот од шесте нови возови што се произведуваат од кинеската компанија „CSR Corporation Ltd“, која е еден од најголемите светски производители на локомотиви и вагони за превоз на патници и стока.
Новите патнички возови ќе имаат вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60 проценти од линиите што ги одржува МЖ – Транспорт.
Новите возови се климатизирани, опремени со вакуум тоалети, да ги задоволуваат најстрогите мерки за енергетска ефикасност, да ги исполнуваат безбедносните стандарди, како и услови за превоз на лица со ограничено движење.
Брзината на новите возови ќе достигнува до 160 километри на час, драстично поголема од моменталните возови на МЖ – Транспорт, која е со максимална брзина до 80 километри на час.
Се очекува првиот кинески воз да почне да сообраќа по македонските пруги уште на почетокот од наредната година.
Ќе сообраќаат на линиите Гевгелија – Скопје и Скопје – Битола, а ќе се воведат и нови деловни возови на релациите Тетово – Скопје, Куманово – Скопје и Велес – Скопје.
Набавката на возовите се врши со 25 милиони евра, дел од кредитот од Европската банка за обнова и развој наменет за обнова на возниот парк на МЖ – Транспорт. Со 15 милиони евра од кредитот се финансираше и купувањето 150 товарни вагони за МЖ – Транспорт, а со 10 милиони евра обновата на постоечките локомотиви и гарнитури.