Природни чуда кои би можеле да исчезнат

природаСите сме ги чуле предвидувањата: ако климатските промени и растот на температурата продолжат, Големиот Корален Гребен ќе биде уништен до 2030 година, глечерите во швајцарските Алпи и на Килиманџаро ќе исчезнат за помалку од 40 години, а поради топењето на поларниот мраз Северниот Пол ќе остане пуст и поларните мечки ќе изумрат.

Поради краткорочноста на овие предвидување сè повеќе еко-туристи ги посетуваат ранливите природни локации. Туризмот е и благослов и проклетство: туристите можат да ја влошат состојбата во веќе оштетени области, но можат и да создадат приход кој би можел да помогне во заштитата на овие природни чуда.

Мртвото Море

природаОва е најниската точка на планетата (423 метри под површината на светските океани), има десет пати по солена вода од останатите мориња, а многумина веруваат дека содржи и лековити минерали.

Заканата: Во последните четири децении Мртвото Море се смалило за околу една третина, површината на водата се спуштила за околу 24 метри (околу 30 сантиметри годишно). Одморалишта и ресторани кои биле изградени на брегот сега се наоѓаат на околу километар и половина од водата. Реката Јордан е единствениот извор на вода за Мртвото Море, и со се поголемата употреба на нејзината вода од околните земји многу мал дел стигнува до крајот.

Мртвото Море најверојатно целосно ќе исчезне за околу 50 години. Дополнителен притисок врз Мртвото Море претставуваат и козметичките компании кои го користат како извор за минерали. Еден предлог за негов спас е контроверзниот Red-Dead Canal, кој би донел вода од Црвеното Море оддалечено 180 километри, но ефектот врз екосистемот би можел да биде негативен (некои луѓе се загрижени дека овој проект би можел да ја зголеми сеизмичката активност во регионот).

Половите

природаПриродните феномени тука се инспиративни: огромни санти мраз, поларни светлини и величествени животни (поларни мечки, китови, пингвини).

Заканата: Океанографскиот Институт Вудс Хол, најголемата непрофитна океанска истражувачка група во светот, предвидува дека 80 проценти од популацијата на царскиот пингвин на Антарктикот ќе исчезне, а остатокот би се соочил со изумирање ако продолжи порастот на температурата.

Во Арктикот поларните мечки се исто така загрозен вид поради постепеното исчезнување на морскиот мраз (кој се намалува по 3 проценти секоја деценија од седумдесетите). Со исчезнувањето на морскиот мраз исчезнуваат и цели ексосистеми: фитопланктонот кој живее под мразот е храна за зоопланктонот и мали ракови како крил, кои се храна за рибите, фоките, китовите, поларните мечки и пингвините. Студиите предвидуваат дека со порастот на температурите, во следните 20-40 години воопшто ќе нема морски мраз на Антарктик.

Прочитајте и:  Јуни 2024 година постави нови температурни рекорди, загрижувачки знаци за климатските промени

Долината на реката Конго

природаТропски прашуми како онаа во долината на реката Конго произведуваат 40 проценти од светскиот кислоро и претставуваат витален извор на храна, лекови и минерали.

Заканата: Со површина од над 1,5 милиони километри квадратни долината на Конго е втора прашума по големина, по Амазонската. Според ООН дури две третини од прашумата и уникатните растенија и животни би можеле да бидат загубени до 2040 освен ако не се преземат мерки за нејзина заштита.

Сместена во шест земји, околу четири милиони хектари шума се уништуваат годишно поради рударство, нелегално сечење, земјоделство и воени дејства. Патиштата создадени од дрвосечачите и рударите им овозможуваат на ловокрадците да ловат загрозени животни како планински горили, шумски слонови, бонобо шимпанза и окапи. Со смалувањето на шумата, се абсорбира сè помалку јаглерод диоксид, и се намалуваат количините на дожд, со што само се влошуваат климатските промени.

Долината на реката Јангце

природаЕгзотични животни како џиновски панди, џуџести сини овци, речната свиња, и сибирските жерави, како и 400 милиони луѓе живеат во овој регион

Заканата: Сè уште е рано за да се знае вистинското влијание на масивната Брана Три Клисури која чини 24 милијарди долари, но многумина, меѓу нив и кинеската влада, велат дека постои опасност регионот да ги загуби најкарактеристичните животни.

Расчистувањето на шумите било направено за да се создаде обработливо земјиште за раселените земјоделци, а акумулацијата има поплавено цели села, фарми, фабрики и рудници со што се влошило веќе постоечкото загадување. Сè почести се и лизгања на земјиштето, а сеизмолозите се загрижени дека притисокот од огромната количина вода над два раседи би можел да предизвика катастрофален земјотрес.

- Реклама -