Прирачник за качување по планини – Пауло Коељо

hiking

1. Избери планина на која сакаш да се качиш: не посветувај внимание на тоа што велат другите луѓе, како на пример „таа таму е поубава“ или „таа таму е полесна“. Ќе потрошиш многу енергија и ентузијазам за да ја постигнеш својата цел, затоа треба ти да си единствениот одговорен и треба да си сигурен во тоа што го правиш.

2. Знај како да ѝ се приближиш: планините ги гледаме од далеку – убави, интересни, полни со предизвици. Но што се случува кога ќе пробаш да се приближиш? Патеките се секаде околу нив, меѓу тебе и твојата цел растат цвеќиња и трнливи грмушки, а тоа што изгледало така јасно на мапата е тешко во реалноста. Затоа испробај ги сите стази и патишта, додека на крајот еден ден не застанеш пред врвот на кој сакаш да се искачиш.

3. Учи од некој кој веќе бил таму горе: без оглед колку единствено се чувствуваш, секогаш постои некој кој го имал истиот сон пред тебе и кој оставил траги кои може да ти го олеснат патувањето; места на кои можеш да го прицврстиш јажето, разгазени патеки, скршени гранки кои го олеснуваат движењето. Стрмнината и качувањето се твои, како и одговорноста, но не заборавај дека искуството на другите може многу да ти помогне.

4. Видени одблизу, опасностите се полесни за контролирање: кога ќе почнеш да се качуваш на планината од своите сништа, посвети внимание на околината. Има карпи, се разбира. Има скоро невидливи пукнатини во планинските карпи. Има карпи кои се толку изгланцани од бурите, што се лизгави како мраз. Но ако знаеш каде го правиш секој чекор, ќе ги воочиш замките и начините да ги заобиколиш.

5. Пејзажот се менува, затоа уживај во него: се разбира, мораш да имаш цел во главата – стигнување до врвот. Но попатно можат да се видат многу нешта, и не е никаков проблем да се застане таму и да се ужива во погледот кој те опкружува. Со секој освоен метар можеш да видиш малку понатаму. Искористи го тоа за да откриеш нешта што уште не си ги забележал.

6. Почитувај си го телото: можеш да се качиш на планина само додека му го укажуваш на своето тело вниманието што го заслужува. Го имаш целото време кое ти го пружа животот, сé додека одиш без да го бараш она што не може да биде пружено. Ако одиш пребрзо, брзо ќе се измориш и ќе се откажеш на пола пат. Ако одиш пребавно, ќе падне ноќ и ќе се изгубиш. Уживај во околината, уживај во студената изворска вода и овошјето кои природата великодушно ти ги нуди, но продолжи да одиш.

7. Почитувај ја својата душа: не повторувај постојано „јас ќе успеам“. Твојата душа тоа веќе го знае; тоа што нејзе ѝ треба е да го искористи долгото патување како прилика за раст, да се прошири преку целиот хоризонт, да го допре небото. Опсесијата воопшто нема да ти помогне да ја достигнеш својата цел, дури и ќе ти го одземе задоволството од качувањето. Но внимавај: исто така немој ни постојано да повторуваш „потешкок е отколку што мислев“, зашто таа мисла ќе ти ја одземе внатрешната сила.

8. Биди спремен да се качиш километар подалеку: патот до врвот на планината е секогаш подалечен отколку што мислиш. Не се залажувај, ќе дојде момент кога она што изгледало така близу сé уште е многу далеку. Но, бидејќи си спремен да одиш подалеку, тоа нема да ти биде проблем.

9. Биди среќен кога ќе се качиш на врвот: плачи, скокај, викај во ветерот дека си успеал, нека ветерот – а ветерот секогаш дува таму горе – ти го прочисти умот, нека ги освежи твоите уморни и испотени стапала, нека ти ги отвори очите и нека го исчисти правот од твоето срце. Чувството е толку добро! Тоа што било само сон, далечна визија, сега е дел од твојот живот – успеа!

10. Вети: сега кога откри сила за која не си ни бил свесен, речи си дека од сега ќе ја користиш оваа сила до крајот на своето време. Вети си и дека ќе откриеш уште една планина, и дека ќе тргнеш во уште една авантура.

11. Раскажи ја својата приказна: да, раскажи ја! Дај пример. Погрижи се на сите да им кажеш дека тоа е можно, и другите луѓе тогаш ќе имаат храброст да се соочат со сопствените планини. Шири радост, можеби баш ти ќе бидеш тој што некому ќе му го разубави денот.

- Реклама -