Приказната за преживеаните на Андите се враќа на екраните


Роберто Канеса помина две третини од својот живот раскажувајќи како ги издржал температурите под нулата, две лавини, се искачил на Андите и јадел човечко месо за да ја преживее страшната авионска несреќа што му го превртела животот на 19-годишна возраст.

Но, за овој Уругваец вреди да се прераскаже оваа трагедија која го фасцинираше светот, во филмот „Society of the Snow” кој доаѓа на Netflix на 4-ти јануари. Стнува збор за адаптација на истоимената книга на Пабло Виерчи.

Во животот, „сите ние имаме свој планински венец за искачување“, вели Канеса за AFP и додава „Многу луѓе се искачуваат на својата планина во моментов. Мораме да им кажеме да не се обесхрабруваат, да продолжат“.

Во режија на Шпанецот Хуан Антонио Бајона („Светот Јура: Падот на кралството“, „Невозможно“), филмот ја следи одисејата на младите играчи на аматерскиот уругвајски рагби тим, чиј авион се урна на Андите во 1972 година на пат за Чиле.

По несреќата, преживеаните првично биле убедени дека ќе дојде помош, објаснува Канеса, поранешен рагбист која подоцна стана кардиолог. Но, деновите се одолговлекувале без спасител на хоризонтот.

„Треба да се собереш за да стигнеш до водата, треба да ги јадете мртвите, бидејќи во спротивно ќе умрете. Мртвите се тука, покрај вас. Почнувате да ја гледате смртта на другиот не со тага за нив, туку со тага за вас, затоа што сте на листа на чекање“, раскажува Канеса.

На 13-ти октомври 1972 година, авион со 45 лица (рагбисти, неколку нивни роднини и челновите на екипажот) се урна на Андите, на надморска височина од 3.500 метри на територијата на Аргентина. Дванаесет од нив загинаа во несреќата, а 17 подоцна починаа од повреди, екстремниот студ или лавини. Маките на преживеаните, принудени да ги јадат соиграчите, ќе трае вкупно 72 дена.

„Она што ни се случи на Андите е апсурдно“, вели Канеса, еден од 16-те преживеани.

Токму тој овозможил спасување на преостанатите преживеани, благодарение на херојската експедиција со неговиот пријател Фернандо Парадо, во време кога потрагата веќе била прекината.

Оваа трогателна приказна веќе беше тема на книги и играни филмови, особено на американскиот филм „Преживеаните“ (1993) на Френк Маршал и Итан Хок. Тоа беше приказна која најмногу се фокусираше на неверојатниот подвиг на преживеаните.

Овојпат режисерот сакал да ја раскаже приказната од перспектива на оние кои не успеаја. Добивајќи бурни овации на овогодинешниот филмски фестивал во Венеција, филмот беше избран да ја претставува Шпанија на Оскарите.

- Реклама -