Некогаш одамна, во некоја земја во бајките, имало фамилија што се состоела од татко, мајка, дедо, кој бил татко на таткото, и 8-годишно дете, мало момче. Дедото бил многу стар, и постојано му се треселе рацете, па заради тоа, понекогаш ќе му паднела храната на подот додека ручале, што многу ги иритирало неговиот син и снаа, кој постојано го прекорувале да јаде повнимателно. Но, кутриот старец, колку и да се трудел, не можел да го запре тресењето, што само се влошувало кога ќе го искарале, па секогаш го исфлекувал чаршавот на масата, и истурал храна по подот, а да не спомнуваме дека морале да му ја менуваат салветата што му ја врзувале околу вратот дури три пати на ден, на доручек, ручек и вечера. Така стоеле работите, без надеж за подобрување, кога синот решил да стави крај на непријатната ситуација. Еден ден, се вратил дома со дрвен леген и му рекол на татко си: „Од денес, ќе јадеш онаму, на тремот, седејќи на скалите, бидејќи таму полесно се чисти, па снаа ти нема да мора да се справува со сите оние извалани ткаенини и салвети“. Така и било. Доручек, ручек и вечера, старецот седел сам на скалите, принесувајќи ја храната до устата најдобро што можел, губејќи половина по патот, додека другата му истекувала по брадата, така што многу малку храна всушност стигнувала до грлото. Внукот изгледал сосема незасегнат од суровиот третман кон неговиот дедо, ќе го погледнел, ќе ги погледнел мајка си и татко си, па продолжувал да јаде како да не е негова работа.
Тогаш, едно попладне, кога таткото се вратил дома од работа, го видел синот како длаби едно парче дрво, помислувајќи дека детето си прави играчка, како што било нормално во тие далечни денови. Следниот ден, сепак, тој сфатил дека момчето не прави дрвена количка, или барем ако правело, таткото не можел да види каде би стоеле тркалата, па го прашал: „Што правиш?“ Момчето се преправало дека не го слуша, па продолжило да го обработува дрвото со врвот на ножот – ова се случувало во деновите кога родителите помалку се притресувале и не скокале веднаш да му земат од раката на детето еден таков извонреден алат за правење играчки. „Не ли ме слушна? Те прашав што правиш со тоа парче дрво!?“, прашал пак таткото, а детето, без да го помести погледот, одговорило: „Правам дрвена чинија за кога ќе остареш и кога ќе ти се тресат рацете и кога ќе те пратат да седиш на тремот и сам да јадеш, како што ти го прати дедо“.
Зборовите имале магичен ефект. Лутината ја снемало од очите на синот, тој ја видел вистината и целата нејзина светлост, па во истиот момент отрчал кај татко си за да го замоли за прошка, а кога стигнала вечерата, му помогнал да седне на столицата, го хранел со лажица и нежно му ја бришел брадата, затоа што тој сеуште го можел тоа, а неговиот татко не.
Извадок од новелата „Смрт со прекини“ на нобеловецот Жозе Сарамаго.