Еден постар учител во Индија се изморил од постојаните поплаки на ученикот.
Така, едно утро го испратил да донесе сол. Кога се вратил, мудрецот го натерал незадоволниот млад човек да истури грст сол во чаша со вода и потоа да ја испие.
– Каков вкус има? – прашал тој.
– Горчлив – одговорил ученикот. Учителот се насмевнал, а потоа му рекол на момчето да истури од истата грст сол во езерото. Двајцата отишле тивко до брегот и кога ученикот фрлил од солта во водата, старецот рекол:
– Пиј сега од езерото. Кога водата ги допрела усните на момчето, учителот повторно го прашал:
– Каков вкус има?
– Сладок – гласел одговорот овој пат.
Тогаш учителот седнал до сериозниот млад човек, кој толку многу го потсетувал на него самиот, му ги фатил рацете и му рекол:
– Болката во животот е грст чиста сол – ни повеќе, ни помалку. Таа секогаш останува иста. Но горчината која ја вкусуваме, зависи од садот во кој се раствора болката. Затоа, кога те боли, можеш само да ја рашириш сопствената перцепција … Не биди чаша. Биди езеро.