Белорускиот претседател Александар Лукашенко потврди дека шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин е во Белорусија, јави белоруската државна агенција БЕЛТА.
Според Договорот од 24 јуни, постигнат со посредство на Лукашенко заврши бунтот на „Вагнер“ во Русија, а Пригожин да се пресели во Белорусија. Додека на припадниците на „Вагнер“ им е понудено да се интегрираат во руската армија.
БЕЛТА јави и дека Лукашенко не би имал ништо против да има единица како „Вагнер“ во белоруската армија и го задолжил министер за одбрана Виктор Хреников да преговара со Пригожин за тоа.
Претходно денеска, авионот со Пригожин беше следен како заминува од Москва и слетува во Белорусија, а американски официјален претставник сугерираше дека тој престојува во еден од ретките хотели во Минск без никакви прозорци.
Пригожин не е забележан во јавност откако во саботата го напушти јужниот руски град Ростов на Дон и им нареди на своите платеници да се повлечат.
МИА