Постојано се чувствувате уморно, иако според вас не постои некоја одредена причина? Ваквата состојба особено е присутна на пролет кога организмот се чувствува изморен од студот, потешката исхрана без многу овошје и зеленчук, како и од подолгиот престој во затворени простории…
Секако, постојат и други причини на кои не можеме да се сетиме или не ги знаеме. Ви пренесуваме дел од причините поради кои чувствувате хроничен замор кој ве деконцентрира и ви ја краде енергијата и волјата да се справите со секојдневните обврски.
1. Ненаспаност
Причина број еден заради која најчесто се чувствуваме уморни е краткотрајно спиење или ненаспаност. Недостатокот од сон може да има негативни последици врз концентрацијата и здравјето. Возрасните треба да спијат 7 до 8 часа, а помладите 8 до 10 часа, во зависност од возраста. Направете го спиењето приоритетна работа во животот и спијте според одредена шема, односно одете на спиење во приближно исто време. Исфрлете ги лаптопот, мобилниот телефон и телевизорот од собата каде што спиете. Ако ова не помага, барајте ја причината понатаму или побарајте помош од лекар.
2. Апнеја при спиење
Некои луѓе сметаат дека спијат доволно, но нивното спиење е неквалитетнo заради апнеја. Апнеја е појава на кратки прекини во дишењето, најчесто во ноќното спиење. Секој таков прекин ве разбудува за момент, иако тие прекини не ги сметате за сериозни заради кусото траење, тие сепак се прекини во спиењето кои го прават неквалитетно. Апанејата се јавува кај луѓе кои имаат поголема телесна тежина, како и кај постарата популација. Ослабете, престанете да пушите и спијте во положба во која дишните патишта се слободни.
3. Несоодветна храна
Причина за лошо чувство и умор може да биде и храната. Затоа треба да се земаат избалансирани оброци кои го одржуваат шеќерот во крвта на нормално ниво и не дозволуваат тоа ниво да падне. Не изоставајте го појадокот и трудете се да внесувате доволно протеини во секој оброк. На пример, за појадок јадете јајца, сланина и тост, а преку ден внесувајте храна која дава енергија.
4. Анемија
Анемијата е една од водечките причини за да се чувствувате постојано уморни. Ако во организмот има недостиг на железо, уморот е тука. Црвените крвни зрнца треба да се полни со хемоглобин за да можат да носат кислород до секоја клетка во нашиот организам. Важно е и нивото на слободното железо кое претставува енергетска резерва во организмот. Јадете храна богата со железо како што се месо, риба, грашок, кајсии, какао или земете додатоци во вид на сируп, таблети или инјекции (во потешките состојби).
5. Депресија
Многумина мислат дека депресијата е емоционална болест, но таа создава многу физички и здравствени нарушувања. Чувство на умор, главоболка, губење на апетит, се само некои од симптомите за депресија. Ако се чувствувате уморни повеќе од две недели барајте лек! Пред да посегнете по антидепресиви пробајте да го смените начинот на живот: шетајте, дружете се со позитивни луѓе, слушајте музика итн.
6. Хипотироидизам
Тироидата е мала жлезда сместена во гушата. Таа го контролира метаболизмот, брзината со која организмот ја конвертира храната во енергија. Кога тироидата е помалку активна и лачи помалку хормони, метаболизмот е забавен, процесот на создавање на енергија е бавен и енергија има сè помалку, а килажата се зголемува. Најпрво направете тест на крвта за да се утврди нивото на хормони кои ги лачи тироидата. Синтетскиот хормон ќе заврши работа ако ви недостасува и уморот ќе го снема.
7. Големи дози кофеин
Кофеинот може да ја зголеми концентрацијата, но премногу кофеин го зголемува пулсот на срцето, крвниот притисок и егзалтираноста (вознемиреноста). Истажувачите утврдиле дека сето тоа придонесува да се чувствувате уморно. Не претерувајте со консумирање, кафе, чај, чоколадо, кола-напитоци и друго, како и со медикаменти кои содржат кофеин.
8. Скриена уринарна инфекција
Ако имате уринарна инфекција треба да имате и некои симптоми. Но често овие инфекции имаат само еден симптом: хроничен замор. Затоа, ако се чувствувате уморно, направете анализа на урината. Пијте доволно течност, земете антибиотици, и ќе ги снема и уринарната инфекција и уморот, и тоа најчесто за една недела.
9. Дијабетес
Луѓето кои ја имаат оваа болест, поради ненормалното ниво на шеќер во крвта се чувствуваат уморно затоа што шеќерот ја спречува енергијата да дојде до сите органи. Затоа, ако чувствувате постојан, необјаснив умор, тестирајте ја крвта и видете дали имате дијабетес. Третманот на оваа болест вклучува диета, физичка активност и лекови. Држејќи ја болеста под контрола, ќе го снема и уморот.
10. Дехидрација
Уморот може да биде знак дека сте дехидрирани. Ако времето е топло, се наоѓате во претопла просторија, вежбате или нешто работите, вашето тело бара течност, вода за да функционира и за да се лади. Жедта е прв знак за дехидратација иако таа и не се јавува кај постарата популација, а сепак организмот е дехидриран. Пијте вода, чаеви, сокови… Бојата на урината кога ќе стане светла, вашето тело има доволно вода. Во гореспоменатите ситуации пијте по две чаши вода пред работата и по две чаши по работата. Или чаша вода или друга течност на секој час.
11. Болести на срцето
Ако секојдневно се чувствувате уморни и тоа трае подолго време, можеби нешто не е во ред со срцето. Умор чувствувате кога шетате, се качувате по скали, вршите лесна домашна работа – побарајте совет од кардиолог, особено ако тоа не било така порано или тешкотиите се зголемуваат. Сменете го животниот стил, земајте редовно лекови и ќе ви биде подобро, ќе се чувствувате лесно, а не уморно. Кога болеста ќе биде под контрола, енергијата ќе се рестартира.
12. Фибромијалгија
Ако повеќе месеци се чувствувате уморно и при тоа чувствувате болки во мускулите и во зглобовите, веројатно страдате од фибромијалгија. Променете го начинот на живот, земајте лекови за болки.
Објавено во соработка со Емитер.