Во петок на 5 јули ќе се одигра претставата „Кенди“ како дел од програмата на Скопско лето 2024.
Претставата е според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), а авторските текстови и материјали се на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Адаптација и режија е на Тамара Стојаноска, музиката е на Лука Тошев, вокал и укулеле на Лео Поповиќ а дизајнот на постер и рекламниот материјал го изработува Бојана Цилевска.
Претставата е во родукција на Театар „Златен Елец“ Скопје, а премиерно беше изведена на 23.10.2022 во Младинскиот културен центар (МКЦ) Скопје.
Проектот е во соработка со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
До сега претставата има Награда за најдобра партнерска игра „Бранко Ѓорчев“ на Интернационален фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино 2023, награда за најдобра претстава во селекција на домашна продукција „БИШ“ на МОТ 2023
Улогите се на Лео Поповиќ и Бобан Алексоски
„Кенди“ е дуодрама во која зборуваме за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубовна врска постепено се изобличува, станува механичко тргање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот и траумите. Приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги и останатите маргинализирани заедници. Најзначаен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги.