Претстава од Венко, премиерно во Драмски

Премиерата на претставата „Јов“ од Венко Андоновски, а во режија на Сашо Миленковски е предвидена за 29 јануари во Драмскиот театар – Скопје. Ова е прва премиера за годинава на Драмскиот театар.

jov
Според Венко Андоновски, „Јов“ е обид да се види до каде се денес границите на трпението и поднесувањето страдања кај човекот и човештвото воопшто.

Режисерот Сашо Миленковски на денешната прес-конференција истакна дека претставата е за релативно млада публика.

-Таа е многу брза внатре во себе. Се работи за комплетно изорганизирана приказна, рече Миленковски.

Потенцира дека претставата е изразито политичка бидејќи опфаќа сериозно политичко прашање – што и правиме на нашата планета Земја.

Венко Андоновски информираше дека текстот го пишувал последните три-четири години. – Темата е јасна, бараме смисла дури и во бесмисленото, потенцира Андоновски.

Актерот Игор Стојчевски кој го игра Јов истакна дека се работи за нашиот однос кон платената Земја и додаде оти таа е мајка која трпи од нашето однесување. Пораката на претставата, како што рече, е не треба да се суди никому.

Актерската екипа на претставата „Јов“ ја сочинуваат актерите Игор Стојчевски, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Игор Георгиев, Александра Павлова, Емилија Мицевска и Благица Димитровска. Музиката е на Венко Серафимов, дизајнот на Владимир Симоновски, а кореографијата на Валентин Апостоловски.

Во претставата играат најмладите актери од Драмскиот театар – Скопје.

- Реклама -