Претседателката очигледно попушти пред партиските притисоци, реагира Еролд Муслиу откако беше разрешен од директор во Агенцијата за разузнавање

Муслиу вели дека нема да навлегува во политичката логика и автономија при носењето на ваквата одлука од страна на шефицата на државата, но, како што пишува во реакцијата, во случајот со неговото разрешување отсуствуваат законската оправданост и мерит-системот, за кој оценува дека претседателката зборува постојано

Очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци, реагира досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, соопштувајќи дека е разрешен од директорската позиција во Агенцијата.

Еролд Муслиу, досегашен директор на Агенцијата за разузнавање / Архива: „360 степени“

Муслиу вели дека нема да навлегува во политичката логика и автономија при носењето на ваквата одлука од страна на шефицата на државата, но, како што пишува во реакцијата, во случајот со неговото разрешување отсуствуваат законската оправданост и мерит-системот, за кој оценува дека претседателката зборува постојано.

„Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот“,

пишува Муслиу во реакцијата по неговото разрешување.

Во реакцијата на Муслиу, тој, меѓу другото, го истакнува фактот дека е првиот етнички Албанец кому во 2019 година му била доверена задачата да раководи со Агенцијата за разузнавање во земјава. Вели дека вложил натчовечки напори за да го подигне нивото на квалитетна работа во Агенцијата.

„Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во Агенцијата за разузнавање, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР. Под мое лидерство го подигнавме нивото и ги надградуваме нашите технички капацитети во процесот на дигитализација, информатичка и кибербезбедност. Постигнавме фантастични достигнувања во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности кои АР ги реализираше самостојно, како и на билатерално и на сојузничко ниво“,

пишува, меѓу другото, во реакцијата на доскорешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

Муслиу им се заблагодари на вработените во Агенцијата за разузнавање за досега укажаната поддршка, а на новата директорка ѝ посака успех во работата.

Претходно денеска од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова информираа дека досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, и заменик-директорката Александра Бакреска-Додовска се разрешени од функциите. На нивно место се именувани Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска.

Во соопштението од претседателскиот кабинет не се наведени причините за кадровските смени во Агенцијата.

- Реклама -