Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова информираат дека таа нема право на вето на Законот бидејќи е донесен со двотретинско мнозинство
Измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа беа изгласани доцна синоќа со 88 гласа „за“ и 22 „против“, а указот ќе биде потпишен од претседателката на земјава, Гордана Сиљановска Давкова, информираа од нејзиниот кабинет.
Оттаму велат дека таа е должна да го потпише указот бидејќи станува збор за системски закон кој е донесен со двотретинско мнозинство и за кој нема право на вето.
„Кабинетот на Претседателката укажува дека Законот за организација и работа на органите на државната управа е системски закон, односно се носи со двотретинско мнозинство, па согласно член 75 од Уставот, Претседателот нема право на вето на истиот, односно е должен да го потпише указот“,
велат од кабинетот на Претседателот.
Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ.
За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, „Вреди“ и партијата ЗНАМ, како и одредени пратеници на „Европскиот фронт“.
Денеска, токму синоќешното носење на измените на законот беше повод за обвинувања на пратениците на СДСМ, Славјанка Петровска и Венко Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ го предал македонскиот народ.
Од партијатата на Мицкоски возвратија дека токму СДСМ преспале седум години и дозволиле злоупотреби од страна на ДУИ.