Пресврт во вториот изборен круг во Франција: Левицата води пред коалицијата на Макрон, десницата на Ле Пен третопласирана

Проценките по завршувањето на гласањето во 20:00 часот покажуваат дека левицата освоила меѓу 172 и 215 пратенички места, коалицијата на претседателот Емануел Макрон од 150 до 180 пратеници, а десницата на Марин Ле Пен меѓу 115 и 155 мандати

Во вториот круг од вонредните избори во Франција, според анкетите, води левичарската коалиција „Нов народен фронт“, потоа коалицијата предводена од претседателот Емануел Макрон, а десницата е трета.

Ова доаѓа како изненадување и голем пресврт по победата на екстремнодесничарската партија Национален фронт на Марин Ле Пен во првиот круг и прогнозите за нејзина победа и во вториот круг од изборите.

Фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Проценките по завршувањето на гласањето во 20:00 часот покажуваат дека левицата освоила меѓу 172 и 215 пратенички места, коалицијата на Макрон од 150 до 180 пратеници, а десницата на Ле Пен меѓу 115 и 155 мандати.

Французите денеска масовно гласаа во вториот круг од предвремените избори. Излезеноста до 16 часот беше 59,71 отсто, што е највисока излезеност на парламентарни избори во Франција од 1981 година (61,4 отсто).

Во првиот изборен круг од пред седум дена, најголем дел од гласовите, односно 33 отсто, ѝ припаднаа на екстремнодесничарската Национален фронт на Марин Ле Пен. Следеше левичарската коалиција „Нов народен фронт“ со освоени 28 отсто од гласовите и коалицијата предводена од Макрон со 20 отсто од гласовите.

Францускиот претседател Емануел Макрон го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни избори откако неговата партија претрпе тежок пораз на изборите за Eвропскиот парламент.

- Реклама -