Три декади по нуклеарната катастрофа во Чернобил, инженерите се надеваат дека ќе направат пресврт, и ќе ја претворат забранетата зона во жариште за обновлива енергија.
Во првите редови се украинската инженерска компанија Rodina Energy Group Lt. и германската компанија за зелена енергија – Enerpark AG. Планираат во Чернобил зоната да постават соларни панели што ќе се протегаат и до 1.600 километри, со вкупна моќ од еден мегават.
„Дел по дел, сакаме да ја оптимизираме Чернобил зоната“, вели Евгени Вариагин – главен извршен директор на Rodina. „(Чернобил) Не би требало да биде црна дупка во срцето на Украина“.
Според него, локацијата за нивниот проект е на 100 метри оддалеченост од реакторот.
Забранетата зона во Чернобил се протега на површина од околу 2.600 километри квадратни кои буквално не можат да бидат искористени за ништо друго. Според некои научници, радијацијата ќе го загадува регионот уште најмалку 150, а можеби и над 300 години. Со други зборови, Чернобил не нуди баш сјајни услови за бизнис и трговија.
Освен во ваков случај, се разбира. Производство на обновлива и чиста енергија во Чернобил значи да се употреби сиот тој бескорисен простор, но и да се претвори целата таа ситуација со чернобилската хаварија – во нешто сосема добро.
Згора на тоа, Чернобил звучи како одлична локација, можеби и подобра од било која друга. Соларната енергија не може да биде контаминирана од позадинската радијација, така што тоа нема да биде пречка. Од друга страна, огромниот бонус е тоа што околу Чернобил сé уште постои електричната мрежа од пред три децении. Зошто да не се врати во употреба?
Според плановите, изградбата на првиот соларен парк ќе ги чини Rodina и Enerparc околу 1.2 милиони долари. Меѓутоа тоа ќе биде само почеток; двете компании планираат да инвестираат околу 100 милиони евра (119 милиони долари) и во иднина да изградат 99 пати повеќе солари паркови во регионот (што значи 99 дополнителни мегавати енергија).
Украинската влада, во меѓувреме, не седи со скрстени раце. Како што пишува Bloomberg, таа упорно нуди евтино земјиште со цел да привлече сé повеќе инвеститори во обновлива енергија.
Со тек на време, Чернобил може да почне да произведува многу зелена енергија. Кој можеше да претпостави?