Преспанскиот договор и Законот за јазици не се ставаат на дневен ред бидејќи нема доволно уставни судии, вели Кацарска

„Не очекувам дека многу брзо ќе се изберат уставните судии, но, сепак, се надевам дека совеста ќе проработи кај пратениците и конечно ќе изберат судии, ќе го комплетираат Судот, кој што е многу битен за оваа држава и е битен за граѓаните на Република Северна Македонија. Уставниот суд не е моја сопственост. Јас не се обратив до претседателот на Собранието заради мене лично, напротив, тоа е во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд, во врска со нејзиното отворено писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери од пред неколку денови.

Во денешното гостување на „Утрински Брифинг“ Кацарска истакна дека смета дека во моментов нема уставна криза, но, неспорен е фактот дека работат со минималниот кворум кој влијае на квалитетот на дебатата. Уставниот суд работи на минимум кворум, а двотретинско мнозинство нема затоа што недостасуваат четворица судии. Според деловникот на Судот, за кворум е потребно присуство на пет судии, а ако само еден не дојде таа седница мора да се одложи.

„Проблемот е во квалитетот на дебатата, друго е кога за некој премет дискутираат пет судии, друго е кога дебатираат девет. Тежината е сосем поинаква. Дури и одлуките да ги донесеме со пет гласови, едногласно да ја однесеме одлуката, како што имаме во поголем број на случаи, недостасува дискусија“, рече Кацарска.

Според неа, секој судија може да има издвоено мислење и тоа е деловничко право. Секој судија може да го искаже своето мислење, меѓутоа, ако има голем број на издвоени мислења, како што вели, „тоа говори за нешто друго“.

Кацарска смета дека не би можела да каже дали има партиска политика во изборот на судии, затоа што, како што рече, „нема факти“.

Прочитајте и:  Меџити „ги смирува“ Албанците во Македонија и надвор: Стекнатите права не може да се деградираат, туку ќе се унапредат

„Едно би сакала да нагласам, дека партиска политика во избор на уставен судија не смее да има. Уставен судија мора да биде добар правник, исклучително добар правник, личност со интегритет кој може да одолее на какви било притисоци и, кога работи предмет, да не размислува дали неговата одлука одговара на една или друга политичка опција“, вели Кацарска.

Во врска со предметите заглавени во постапките, како што е Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазици, таа истакна дека се договориле да не ги ставаат на дневен ред овие предмети, затоа што, како што рече, се донесуваат со одлука на пет судии, „а станува збор за предмети кои се исклучително битни за граѓаните и ќе чекаме судот да биде комплетиран“.

Во однос на прашањето дали има политички притисок врз судовите, Кацарска посочи дека нема држава каде политиката не сака да стави рака врз судството, но, таа за тоа не ги обвинува политичарите туку судиите кои, според неа, не смеат да подлегнуваат на влијанија.

„Мислам дека во последните години судиите се малку послободни во носењето на одлуките, но, сепак сметам дека недостасува поголем ангажман на судиите. Не може предмети за кои целата јавност чека разрешница да се чека на одлука со години. Угледот на судот се гледа токму преку тие актуелни предмети“, рече Кацарска посочувајќи на предметите за кои е заинтересирана и меѓународната јавност, како на пример „Ласкарци“.

Кацарска смета дека треба да се промени Уставот и да им се дадат поголеми надлежности на уставните судии, а тоа, според неа, било во полза на граѓаните.

МИА

- Реклама -