Вечерва во 21.00 часот во Домот на Културата Глигор Прличев во Охрид, во склоп на Охридско лето, во изведба на Велешкиот театар ќе се одигра премиерно театарската претстава „РАЦИН“ во режија на Дејан Пројковски. ,,Претставата Рацин нема за цел да ги прикаже фактите онакви какви што историјата ги пренесла, а културата ги кодирала во себе, целта е тие да се обојат со автентичен рефлектор, да се фрли светлина врз митологизираниот Рацин, да се деконструира, да се демитологизира и да се дадат неколку возможни одговори на прашањето: Што нам денес ни значи Рацин? Претставата е повеќе рефлексија отколку нарација, повеќе фрагмент отколку целина, повеќе антитеза отколку теза – Рацин од денес, тргнат кон секое возможно утре” велат од Охридско лето.
Дејан Пројковски е македонски режисер. Роден е 1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија. Работи како вонреден професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Направил голем број значајни режии во Македонија и земјите од регионот. Извесен период беше и директор на Македонскиот народен театар.Тој е еден од водечките македонски театарски режисери и професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „Европа Прима“. Пројковски се потврди како режисер на големи дела на светската класика, создавајќи претстави со специфичен естетски и иновативен сценски јазик. Неговите претстави се прикажани не само кај нас, туку и надвор од границите на земјата и тоа: Србија, Бугарија, Русија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина а ко-продуцираше претстави со германски, италијански и словенечки театри и фестивали.
Во претстава играат Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска и Весна Димитровска БобевскиЈордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илина Чонкова
Композитор е Сашко Костов, а драматург е Сашо Димоски, според Кочо Рацин.