Премиера и подготовка на две нови претстави во Велешкиот театар

Велешкиот театар ќе го започне вториот дел од сезоната 2023/2024 со премиера на претставата „Кучешко срце“, според Михаил Булгаков, во режија на Ѓорѓи Ризески, на 25 јануари. Претставата е во копродукција со независната продукција „Вортекс“. Актерската екипа ја сочинуваат: Никола Милошевски, Илин Јовановски, Матеј Стојковски, Ива Петровска, Кристина Гиева, Ванеса Тримчевска, Тодор Стојковски. Композитор е Алмир Бајрамоски, кореограф е Сања Русеска, дизајн-фотографија и видео Александар Арсовски.

Освен премиерата, во Велешкиот театар деновиве ќе започнуват со подготовки на две нови претстави. Станува збор за комедиите „Чуден пар“, според Нил Сајмон, во режија и адаптација на Ненад Витанов и „Паника“ според Мика Милиахо, во режија и адаптација на Александар Ивановски.

Улогите во претставата „Чуден пар“ ќе ги толкуваат: Сандра Танчева, Талија Настова, Фаик Мефаиловски, Жарко Спасовски, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Јордан Витанов и Кире Ацески, додека во „Паника“ се на Стефан Николовски, Кристијан Саздовски и Филип Христовски.

Сценографијата и дизајнот на обете претстави се на Филип Коруновски, а музичкиот избор за обете претстави е на режисерите. Премиерите и првите репризи на обете претстави се планирани за мартовскиот репертоар, а театарот истите ги реализира од сопствените приходи, како дел од програмата за 2024 година.

- Реклама -