Венко Андоновски е роден во Куманово, 30 мај 1964 година, а во моментов е еден од најпопуларните македонски писатели на почетокот од 21. век. Тој е раскажувач, романсиер, драмски автор, поет, есеист, критичар и книжевен теоретичар. Завршил на Филолошкиот факултет во Скопје, каде во моментов работи како професор, за многумина – омилениот. Ако се уште не сте прочитале ништо од него срдечно ви ги препорачуваме Словeнскиот ковчег, Вештица или Папокот на светот. Прочитајте неколку цитати кои ги издвоивме…
Со ист здрив умираат љубовниците. Со ист здив умираат оние што макар еднаш, во еден миг се љубеле.
Има ли мерка злото што срцето мое може да го стори? Оти во злото мерка нема, како и во милосрдието и добрината, по тоа тие две подобни се и тешко ги разликува слабата душа човечка.
Стори добро и ќе посакаш да сториш нова добрина, стори зло и нови зла душата ќе ти посака. И само миг решава што од двете ќе избереш.
Кој не ја видел – тој не се родил,
кој ја видел а не ја вкусил – тој умрел,
кој ја вкусил – тој не кртулил,
оти ќе живее.
Јас, а можеби и Ти.
Како што дождот маѓајќи на земјата им ги дава на билките нивните особини: на слатките – благост, на опојните – опојност, а на отровните – отров, така и светлината таа, кога влегува во срцата на луѓето се менува и им дарува моќ според доблестите на срцата.
Зависта не му дозволуваше да се насладува со она што го има, оти постојано се вознемируваше со желбата по она што му недостига.
Полесно е да победиш царства, одошто својот гнев.
Да ја докажуваш мудроста е како да докажуваш дека сонцето свети.
Оној кој не се грижи за своите маани, се занимава со усовршување на мааните кај ближниот свој.
И невидливото постои, само што не се гледа, оти не мора нешто да се гледа за да постои. Можеш да го видиш во мислите свои зборот „врата“…, но можеш ли да го видиш зборот „љубов“ ? Не можеш. Но, љубовта сепак постои, иако е невидливо нешто и на тој свет му припаѓа, невидливиот.
Времето е наш најголем непријател: како што главно качество на водата е да биде мека, а на каменот да биде цврст, така и суетата наша е цврста како камен, а времето Божје меко како вода и се` така еднакво удира. Времето Божје во каменот, додека не го пробие. Така Бог не` учи: мекото е потврдо од тврдото, а слабото е посилно од силното, ако верба се има во Него.
Се, освен љубовта и пламенот, е деливо со два. Подели леб на две – добиваш две половини. Подели шише вино на два – добиваш две половини од еден литар. Но, подели пламен од свеќа на две – добиваш две цели, два цели пламена. Ниедна свеќа од која палиш друга нема да даде половина пламен. Ќе и даде цел на другата свеќа. Од едно цело – две цели! Каде ја има таа математика на друго место, освен кај пламенот?!
За предавство потребен е страв,за одмазда-љубов,за умирање живот,а за копнеж- отсуство поприсутно од присутното треба да се има.
Господар си им на оние зборови што уште не излегле од твојата уста, а роб на оние кои ја напуштиле.