Предметите на СЈО почнаа со пакување, од денеска се селат кај републичкиот обвинител Јовески

Деветнаесет истраги, стотина предистраги и петнаесетина случаи кои се веќе во судска постапка од денеска почнуваат со „селење“ од СЈО кај републичкиот обвинител Љубомир Јовески. Вчера СЈО го извести Јавното обвинителство дека се подготвени веднаш да го извршат трансферот, а и Јовески потврди дека сите технички процедури за предавање на прислушуваните материјали и доказите се веќе договорени.

Денеска ќе се доутврдат само техничките детали, а начинот на кој ќе се преземаат предметите веќе е договорен; секој обвинител ќе треба да го спакува својот предмет, како и истрагите и предистрагите, со тоа што претходно ќе треба сите да ги попише и архивира. Засега е непознато дали обвинителите од СЈО ќе продолжат да ги водат овие предмети или нив ќе ги преземат нови обвинители.

Во секој случај, веројатно нема да дојде до физичка преселба на предметите, бидејќи зградата на СЈО останува во сопственост на Јавното обвинителство.

Од друга страна, со предавањето на предметите и очекуваното разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а без да биде избран нов специјален обвинител, неизвесна е судбината на обвинителите и вработените од СЈО. Тие вчера испратија писма до државниот врв и дел од амбасадите во земјава, во кои бараат итно решение за нивниот статус. Во писмото тврдат дека со предавањето на предметите постоењето на СЈО како институција станува беспредметно и дека поради тоа се загрозени токму правата на вработените во тоа обвинителство.

„Оттука, секоја намера на преговарачките тимови, која е спротивна на претходно наведените законски одредби, ќе ја сметаме како директна повреда на правата од работен однос мотивирана од одмазднички пориви кон вработените и кон сѐ што тие успеале да постигнат во изминатиот период со искреност и со пожртвуваност кон институцијата во која работат“, се вели во писмото, пренесе „Канал 5“.

- Реклама -