Предизборни анкети во САД: Камала Харис ја топи предноста на Трамп

Во дел од сојузните држави изборите се сметаат за веќе завршени, бидејќи водството на Трамп во Тексас и во Флорида е огромно, исто како што е недостижна предноста што во Њујорк и во Калифорнија ја има Харис. Но во речиси седум држави, т.н. „свинг држави“, неизвесноста ќе трае сè до објавувањето на гласовите

Последните објавени анкети во пресрет на претседателските избори во САД, кои се закажани за ноември годинава, велат дека Доналд Трамп има благо водство пред Камала Харис, иако ова водство сè повеќе се топи.
Харис влезе во трката откако актуелниот претседател Џо Бајден се пензионира, а Трамп беше во убедливо водство, особено по неуспешниот обид за атентат врз него.

Со таа предност Трамп влезе во битката против Харис, но сега ситуацијата е многу понеизвесна.

Според „RealClearPolitics“, страница која ги собира резултатите од анкетите низ САД, поранешниот претседател има просечна предност од 0,8 процентни поени пред Харис. Последната анкета, спроведена од Си-би-ес њуз покажува дека Харис има еден процент предност пред него, но повеќето анкети покажуваат водство на Трамп од два до четири проценти.

Сепак, повеќето освоени гласови на територијата на целата држава не ја гарантира најмоќната фотелја во светот, поради американскиот изборен систем. Секоја сојузна држава има одреден број на „електори“, а кандидатот кој има повеќе гласови во таа сојузна држава ги добива сите електори.

камала-трампкамала-трамп

Во дел од сојузните држави изборите се сметаат за веќе завршени, бидејќи водството на Трамп во Тексас и во Флорида е огромно, исто како што е недостижна предноста што во Њујорк и во Калифорнија ја има Харис. Но во речиси седум држави, т.н. „свинг држави“, неизвесноста ќе трае сè до објавувањето на гласовите.

Во Аризона и во Невада, мала предност му се дава на Трамп, но и во двете држави последните анкети покажуваат дека Харис не само што ја топи предноста туку и води со околу два процентни поени пред конкурентот.

Во Висконсин скорот е изедначен. Анкетите покажуваат исход кој е во рамките на статистичка грешка.

Првата „свинг држава“ во која фаворитска позиција барем засега има Камала Харис е Мичиген. Причината за предноста од околу два отсто се должи на популарноста на нејзината сопартијка, гувернерката на оваа сојузна држава, Гретчен Витмер.

Една од најважните битки ќе се води во Пенсилванија. Таму сега со предност од три процентни поени е Трамп, но тоа што би можело да го направи пресвртот е можната номинација на гувернерот на Џош Шапиро, како кандидат за потпретседател кој ќе биде заедно на гласачкото ливче со Камала Харис.

Трамп има нешто поголема предност во Северна Каролина, која се проценува на околу 5,5 отсто. Но од кампот на Харис се надеваат на промена на состојбата со оглед дека до нејзиниот избор за претседателски кандидат Трамп беше во водство за околу девет проценти.

Последната „свинг“ држава е Џорџија. Ситуацијата во оваа сојузна држава покажува дека ниту еден од кандидатите не може да смета на сигурен успех.

Според податоците на „RealClearPolitics“, страницата која ги собира резултатите од анкетите низ САД, врз основа на предвидувањата, а имајќи ги предвид актуелните испитувања на јавноста и електорискиот систем на избори, од вкупно 538 електори Трамп во моментов би можел да смета на 297, што е за 27 повеќе од 270-те потребни за победа на изборите.

- Реклама -