„Ви благодариме од срце! 460 деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас“ – пишува на врамениот дрес кој Ракометната федерација на Македонија го доби од организацијата „СОС Детско село“, по повод примо-предавањето на донацијата од 1.372.550 денари, собрани од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно музички спектакл одржан на 3 јануари 2023 година во организација на РФМ.
Трошоците за реализација на настанот покриeни се од страна на Ракометната Федерација на Македонија и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, Македонската куќа на ракометот упати до: „Триглав Осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, „Халк Банка“, „Пивара“, „Никоб“, „Македонската Телевизија“, „ТВ Телма“, „Проевент“ и „КЛС“; како и до сите македонски уметници, компании и индивидуалци кои, како што потенцираат од РФМ, сесрдно ја прифатиле поканата за учество во настанот, и тоа без авторски или друг вид на надоместоци.
Како што велат од РФМ, посебно ѝ се заблагодаруваат на бројната публика во арената „Борис Трајковски“.
„Спектаклот ‘Сите Ѕвезди за СОС Детско село’ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победи човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да нѐ вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа.
Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!“, порачуваат од РФМ.