Празнично богослужение во чест на ктиторите на Светата Бигорска Обител

По одбележувањето на патронот, заштитник, закрилник и небесен застапник, светиот славен и чесен пророк, Претеча и Крстител господов, Јован, Бигорски манастир им оддаде почит на ктиторите на Светата Бигорска Обител, пред се на првиот ктитор на светата Бигорска Обител, свети Јован Дебранин – Бигорски, Архиепископ Охридски.

„И оваа година, во Бигорската Света Обител, празничниот амбиент за споменот на славниот Претеча и Крстител Господов Свети Јован, кој е секогаш тука за сите кои го поминуваат бурното море на животот, беше заокружен со свечената Ктиторска вечерна богослужба. Веднаш по службата, Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, отслужи молитвен спомен, на која со смирение и благодарност се помоливме за покој на душите на сите блаженоупокоени бигорски ктитори, градители, благоукрасители,  монаси, кои го посветиле својот живот на овој свештен илјадалетен Манастир“, вели сестра Ефимија.
Според неа празничното молитвено собрание продолжило и вчера попладне, со света Божествена Евхаристија, со молитвен помен за сите оние што ги вложиле своите животи и дела во темелите на Бигорскиот манастир.
„Со благодарност ги спомнуваме сите наши претходници во расо, кои со своите трудови, пот и молитви придонесоа за величието на Претечевиот дворец, а пред сѐ , Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв Ктитор на нашата Света Обител, кој го основал овој славен Манастир во 1020 лето, на местото каде што, според преданието и древните манастирски летописи, како пустиножител ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован Крстите а на чија молитвена поддршка ние денес смирено се крепиме“, додава сестра Ефимија.
Со Светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше епископот Антаниски г. Партениј, кој ја принесуваше бескрвната жртва на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос во молитвено сослужение со браќата од Бигорски и со презвитерите од православната Црква на Албанија, отец Ирине Гега од Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Владимир“ во Шијон, Елбасан, отец Спиро Пипа и отец Никола Давиди од Митрополијата на Аполонија и Фиер.
„По молитвите на Свети Јован Дебранин и на сите бигорски свети отци и подвижници, Господа Бог да ја зачува и утврди нашата Света Обител, Старецот и монашкото братство и сестринствата во веки веков“, посакано е на литургијата.
Празнично богослужение во чест на ктиторите, посочува сестрата, е според востановената пракса на православната еортологија, по секој поголем празник, Господов или Богородичен, во спомен на светителите кои директно или индиректно учествувале во спасителните историски настани поврзани со празникот.
По истиот пример, следејќи го древното манастирско предание, по централната слава на еден манастир, се врши спомен на првиот ктитор и на сите останати ктитори, градители, игумени, монаси и подвижници кои го граделе и се подвизувале во манастирот низ вековите. 

Извор