Трн: Која беше главната причина за повлекувањето на НМСМ од партнерството со Град Скопје?
Филип Ивковски: НМСМ од самиот старт беше поддршка за кандидатурата на Скопје. Ние го презедовме делот на младински политики и ја водевме таа компонента. Но, со текот на времето, Град Скопје не покажа доволна иницијатива за реализирање на механизмите за младинско учество, кои се предуслови за Европска младинска престолнина. Кога стана време да ја презентираме кандидатурата пред евалуациската комисија, од градот не видовме доволно интерес и подготвеност, што на крајот доведе до нашето повлекување.
Трн:Колку пати се обидовте да воспоставите контакт со претставниците на Град Скопје и какви беа реакциите?
Филип: Имавме повеќе обиди за контакт, особено поради тоа што тимот за апликацијата неколкупати се смени. Комуникацијата со одделението за соработка и меѓународни односи беше ок, но кога дојде време за контакт со Градоначалникот, комуникацијата прекина и остана на ниво на е-пошта и телефонски разговори.
Трн: Кои механизми недостасуваат во работата на Град Скопје, а се основни за ваков тип на кандидатура?
Филип: Градот има формирано Собрание за млади, но тоа е нефункционално и со истечен мандат. Потребни се локален младински совет, стратегија за млади и младински центар, кои не се воспоставени – и тоа во главниот град кој има најмногу ресурси за нивно имплементирање.
Трн: Што подразбирате под „токенистичко вклучување на младите“ и какви последици има овој пристап?
Филип: Токенистичкото вклучување значи церемонијално вклучување на младите без суштинска улога. Тоа влијае негативно бидејќи младите остануваат само фигури во процесите, без можност за активно учество и реално влијание врз донесувањето одлуки.
Трн: Дали ова повлекување ќе влијае на шансите на Скопје за титулата и како ќе ја поддржите визијата за градот?
Филип: Повлекувањето може да има извесно влијание на изборот, бидејќи веќе го информиравме Европскиот младински форум, кој е дел од процесот. Сепак, стоиме на располагање за поддршка на визијата за подобро Скопје за младите, без оглед на кандидатурата.
Трн: Кој е вашиот апел до локалните и националните институции?
Филип: Нашиот апел е институциите навистина да се фокусираат на создавање реални младински политики, кои ќе одговараат на реалните потреби на младите, а не само на титуларно учество на младите во креирање на младински политики.
Трн: Кои позитивни примери можете да ги посочите од соседството за младинско учество?
Филип: Во соседството има инспиративни примери како Тирана и Нови Сад. Тирана пред неколку години ја доби титулата Европска младинска престолнина, а Нови Сад исто така значително ги унапреди младинските механизми за учество. Овие примери покажуваат дека кога институциите навистина вложуваат во создавање политики за младите, резултатите се видливи и реални. Ова може да биде дополнителен стимул за нашите институции, кои треба да дејствуваат во корелација со нашиот општествен контекст и да ги применат успешните практики на начин соодветен за нашата средина.