„Задолжителната вакцинација, која е предвидена со наведениот член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение дека е во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права“, оценува Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Северна Македонија.
Како што наведуваат во соопштението, ова особено се однесува на член 39 став 2 и член 40 став 3 од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Според Хелсиншки, од духот на уставните одредби јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Поради тоа, а со цел обезбедување на наведеното право, Хелсиншкиот комитет смета дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.
„Имено, како што беше наведено во решението на Уставниот суд во врска со задолжителната вакцинација, редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести“, се вели понатаму во соопштението. „Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Последователно, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот во 2014 година оцени дека е оправдано на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите. Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата и со обврската за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија и тетануси пертузис, се спречуваат вистински и непотребни здравствени ризици“.
Затоа, Хелсиншки смета дека обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на основните човекови права на лицето во прашање, со оглед дека е неопходна мерка за заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.
Од Хелсиншки појаснуваат вака:
„Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со почитувањето на човековите слободи и права. Дотолку повеќе што придобивките од задолжителната вакцинација за здравјето на поединците и припадниците на пошироката заедница ги надминуваат последиците од вмешувањето, односно ограничувањето, на човековите права на поединците“.
Понатаму, Хелсиншки се повикува на член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која со закон е ратификувана и од Република Северна Македонија. Со истата, државите потписнички му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниту едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита и истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право.
„Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата“, потсетуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Оттука, условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација, според Хелсиншкиот комитет, не претставува дискриминација, од причини што ова претставува само еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на детето на здравје. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето и на другите деца кои одат во истото училиште, што значи дека задолжителната вакцинација, определена со Законот, не претставува прекумерна мерка“, заклучува Комитетот.