Дејвид Блејн е еден од најпопуларните американски и светски илузионисти. На сцената е од 1997 година, а во меѓувреме успеа и да натрупа солидно богатство. Според Fortune, тој е еден од илузионистите со најдобра заработка во 2018-та година, заработувајќи 13.5 милиони од распродадената турнеја во Северна Америка.
Делумно заслужно, а можеби и клучно за неговиот успех е едноставното правило според кое Блејн избира како да ја тера кариерата, каде да настапува и кои зделки да ги прифати или одбие. Тој го нарекува „правилото од 1 долар“:
„Кога треба да донесам решение, секогаш се прашувам следново: Би го направил ли тоа за 1 долар? Идејата е, ако ми предложат настап или нешто друго и одговорот на тоа прашање е НЕ, тогаш едноставно не го правам тоа за ниту една сума пари. Ако одговорот е ДА, тогаш ќе ја прифатам понудата за која и да е сумата предложена во зделката“, раскажа Блејн пред публиката на Светскиот економски форум во Давос.
Според него, овој метод го држи здраво застанат на земјата и не му дозволува парите и други искушенија да му влијаат на изборите во кариерата.
„Тоа ме одржува со чист разум. Можеби не е финансиски најисплатливата стратегија, но тоа ми го чува фокусот насочен кон нештата кои сакам да ги постигнам и направам“, објаснува Блејн.
Тој проговори и за својата „работа“:
„Не, јас не работам. Јас го правам тоа што го сакам. А тоа бара целосна и постојана посветеност. Постојано вежбам и тоа ми помага да станувам сé подобар и подобар, што е единственото важно“.