„Уште воздух да почнат да ни продаваат“, ќе рече некој, без да знае дека тоа веќе се случува. Антоан Дебли, студент кој живее во југозападна Франција, всушност прави пари продавајќи го воздухот од неговиот град.
Летово, тој успеа да собере 1000 долари на француски сајт за фундирање од „народот“, што му овозможи да направи веб-сајт и да ги купи потребните лименки и пакување. Една лименка со 250 милилитри воздух, наречен „Air de Montcuq“, чини 5.5 евра. Дебли, за Business Insider, изјави дека веќе примил илјадници побарувања и заработил илјадници долари, и тоа со стапка на профит од 60 проценти!
Привлечноста на лименките во голем дел (ако не и во најголем) доаѓа од играта на зборови поврзана со името на неговиот град. Montcuq се изговара слично на „mon cul“, што на француски значи „мојот задник“, па „Воздухот од Монткул“ би бил „Воздухот од мојот задник“. Секој би сакал да има барем една лименка, нели?
Дебли очигледно не се плаши сериозно да и пристапи на работата. Тој продава само по 10 литри воздух неделно, наводно за да не се преоптеретува премногу, но сепак се чини дека се работи за маркетинг одлука, која би требало да остави впечаток дека продуктот е редок и да ја одржи цената. „Се разбира дека знаев дека ќе се продава, но не дека ќе се продаде толку многу за толку кратко време“ – вели тој за Business Insider.