Трн: Како се чувствувате по преодот од позицијата на ПР менаџер на Филхармонијата до позицијата на в.д. директор?
Ангелина: Искрено, немам многу време да анализирам како се чувствувам периодов, бидејќи буквално влегов во виор од обврски и постојано сум фокусирана на работата и решавањето на нештата кои беа поставени наопаку во изминатиот период. Некои погрешно поставени работи им тежеа на вработените, и мораа да се изменат веднаш. Инаку, генерално, и сега и претходно, одењето на работа во Македонската филхармонија кај мене било врзано со чувства на задоволство, исполнетост и среќа. Не постои поголема лична сатисфакција да работиш нешто што сакаш и не би го менувал за ништо на овој свет. И како пи-ар и сега, тоа чувство не се менува. Љубовта кон институцијата во која работам е константна, и таа не е врзана само со моменталната позиција која што е променлива.
Трн: Кои се вашите визии и цели како прв човек на Филхармонијата?
Ангелина: Ништо не почнува од мене, работата во Македонска филхармонија е поставена на цврсти темели и има јасен програмски концепт поставен многу оддамна. Сите симфониски оркестри во светот фунционираат на ист начин кога станува збор за програмата – таа е стандардна, “железна”, подложна на одредени промени, но во суштина нејзино јадро е изведбата и промоција на симфониското светско музичко творештво. Моите цели и визии се да го задржам концептот и начинот на работа кој го практикуваат сите симфониски оркестри во светот, тука нема голем простор за лични, ниту радикални промени.
Трн: Што треба да поседуваш за да бидеш менаџер на културна институција од ваков тип ?
Ангелина: За било која работа, не само за менаџерската како што ја нарекувате вие, најважно е да бидеш професионален и да си ја сакаш работата. Само на тој начин, работниот и креативен процес течат природно и како што треба. Без разлика дали си директор, музичар, продуцент… Одговорноста и професионалноста се најважни и тие не треба да се менуваат и треба да бидат стандард.
Трн: Кој е ваш најголем успех?
Ангелина: Најголем успех е што секојдневно се трудам да не ги загубам човечките особини на доблест и емпатија. Живееме во време кога полека се губат елементарните човечки и цивилизациски вредности и затоа најголем успех за секого треба да биде себично негување и одржување на овие примарни животни нешта.
Трн: Кога бевте најсреќна?
Ангелина: Среќа е состојба на умот. Така гледам на оваа преценета вредност по која трагаме сите, и попат ни минува животот, бидејќи самата потрага е релативна, и бескрајна.
Трн: Ако не бевте новинар, менаџер, со што ќе се занимававте ?
Ангелина: Не сум размислувала. Веројатно повторно нешто врзано со уметност и култура.
Трн: Кои се вашите најголеми предизвици и очекувања како нов директор на Филхармонијата?
Ангелина: Најважна цел која си ја поставив е да ја задржам моменталната колективна среќа и исполнетост кај вработените. Сакам да им ја задржам насмевката на лицето додека ги исполнуваат секојдневните обврски. Уметност не се поттикнува со наметнување нелогични нормативи во процесот на работа. Слободата треба да биде главна движечка сила.
Трн: Долги години сте биле новинар во културата. Како вашето претходно искуство ќе влијае на вашата работа во оваа институција?
Ангелина: Долги години работев во пишани медиуми преку кои ја следев работата на Македонска филхармонија – и преку музички критики и преку проблемски текстови. Добро ги познавам сите доблести и мани, подемите и падовите, проблемите и предностите. Тоа секако помага да се решат одредени проблеми, бидејќи како новинар и музички рецензент сум имала прилика да ги согледам работите од страна, од друг агол.
Трн: Имате ли планови за воведување на нови програми или иницијативи во Филхармонијата?
Ангелина: Програмата на симфониските концерти е стриктна, ротира околу најзначајните музички дела, она што се нарекува стандарден репертоар кој всушност претставува база, основен постулат на сите симфониски оркестри во светот. Одлична форма на комуникација со најмладите се и нашите концерти и работилници за деца. Малата сцена но и останатиот простор во Филхармонија нудат многу опции за алтернативни музички претставувања, поинакви концепти преку кои може да иницираме нови форми на концертна презентација.
Трн: Кои се вашите идеи за привлекување на поширока публика и поддршка на музичките настани и активности?
Ангелина: Кога станува збор за публиката најважно е да ја натераме да ја засакаат класичната музика. Важно е да си ја задржиме нашата верна публика која доаѓа на сите концерти, но во исто време да привлечеме и нова помлада публика.
Класичната музика во последнава деценија глобално се соочува со проблем – како да регрутира нова помлада публика. Имаше разни иницијативи кои ги правеа светските оркестри – со бесплатни билети, преку промоција на неформален код на облекување, се обидоа да најдат различни решенија преку кои всушност сакаа да излезат од строгите конзервативни академски рамки со цел да ја ослободат класиката од превезот на елитизмот. Истото го правеше и Македонската филхармонија преку неконвенционалните концерти во Градскиот парк, љубовните концерти… Наша мисија е да ја натераме помладата публика да ја засака класиката, иако во денешен контекст на извртени вредности и поплава од музички шунд и кич тоа ќе биде вистински предизвик. Не се откажуваме од оваа наша заложба, ќе ги искористиме сите можни алатки, концепти и форми на промоција на класичната музика за да ја привлечеме помладата публика да доаѓа на нашите концерти. Тоа е навистина тешка задача, бидејќи промоцијата на вистински вредности кај младите почнува уште од рана возраст преку основниот едукативен систем. Не смееме да дозволиме младите да бидат огледало на општествените прилики и доминантната звучна естетика на шунд.
Насловна фотографија: Маја Аргакијева