Вашингтон, 25 јули 2022 (МИА) – Големиот пожар во близина на националниот парк Јосемити во американската сојузна држава Калифорнија, кој избувна во петокот, е надвор од контрола.
Околу 2.000 пожарникари се борат со пожарот, што е еден од најголемите во Калифорнија оваа година.
Во гаснењето, што е отежнато од стрмниот терен, високите температури и ниската влажност, вклучени се и авиони и булдожери.
Огнот уништи 56 квадратни километри шума, најмалку 10 станбени и индустриски објекти, а оштетија уште пет.
Сè уште се истражува причината за пожарот.
Околу 6.000 жители во областа добија наредба да се евакуираат, но некои жители одбија да го сторат тоа. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, прогласи вонредна состојба во округот Марипоса.