Пожар кај скопско Кале, интервенираат четири противпожарни возила

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека во моментов има девет активни пожари на територијата на Македонија

Пожар кај скопското Кале избувнал вечерва, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Гори под резиденцијата на МПЦ кон поранешниот полигон за авто школа, под Калето. Во моментов интервенира Бригадата за противпожарна заштита со осум пожарникари и четири ПП возила“,

наведуваат од ЦУК.

Откако Македонија повторно побара помош од Европската Унија за гаснење на пожарите кои цел месец беснеат низ цела држава, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ кои се наменети за справување со пожарите, додека, пак, од Чешка, Словенија и Србија беше испратен по еден хеликоптер, соопшти денеска Европската комисија.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека во моментов има девет активни пожари на територијата на Македонија.

Еден од најтешките пожари е на Осоговските Планини, кој беснее на територијата на Општина Пробиштип, во атарот на селото Зеленград. Овој пожар се одвива на исклучително недостапен терен.

Тежок пожар има и во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен.

- Реклама -