Пожар кај росоманско Сирково, на гасењето интервенираат десет пожарникари и шест возила

Од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кавадарци во изјава за МИА информираат дека селото Сирково е заштитено, куќите и црквата се безбедни, а пожарникарите интервенираат на гасење на големиот пожар

Голем пожар попладнево избувна во околина на селото Сирково во Општина Росоман. Информацијата ја објави кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, а подоцна ја потврди и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Голем пожар во с. Сирково кој за жал се шири брзо. Со интервенција е спасена фармата, но сега борбата со огнот продолжува кон шумата. Сите екипи се на терен и се надеваме на брзо локализирање“,

објави попладнево градоначалникот на Кавадарци на својот профил на Фејсбук.

Според информациите кои ги објави ЦУК, во пожарот се зафатени нискостеблеста шума и сува трева.

На гасење на огнените јазици интервенираат десет пожарникари со шест возила.

Од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кавадарци во изјава за МИА информираат дека селото Сирково е заштитено, куќите и црквата се безбедни, а пожарникарите интервенираат на гасење на големиот пожар.

- Реклама -