Македонската кошаркарска репрезентација загуби од Порторико и на вториот меѓусебен дуел во само два дена.
Овој пораз всушност беше нашата последна контрола пред стартот на квалификациите за ЛОИ 2012 кои од 2 јули ги почнуваме во Каракас, Венецуела. По претходниот пораз од 96-77, избраниците на Марјан Лазовски овој пат загубија со 84-72 во Сан Хуан на натпревар во кој домашните повторно ги добија сите четвртини.
Иако со далеку посилен отпор во однос на првата средба сепак на крајот поразот повторно беше неизбежен. За разлика од претходната средба Македонија овој пат во неколку наврати имаше водство па се до крајот на третата четвртина, меѓутоа тогаш следеше неверојатен пад во играта на црвено-жолтите по кој Порториканците направија серија од 16-0 за предност од 15 поени која до крајот на дуелот беше недостижна.
Најдобар во македонскиот тим беше Владо Илиевски со 18 постигнати поени, додека Перо Антиќ запиша 15 поени и 11 скока. Лестер Бо Мекејлеб исто така заврши со 15 поени а имаше и десет асистенции. Најновиот пораз е само уште една потврда за слабата форма на нашите кошаркари во пресрет на најзначајното натпреварување во историјата на македонската кошарка.
Избраниците на селекторот Лазовски одиграа шест контролни меча, на кои што забележаа две победи, против Литванија и комбинираната универзитетска екипа од САД, и четири порази, два од Порторико, еден од Русија и еден од комбинираната универзитетска екипа од САД.